Сијарто: Интеграцијата на Украина во НАТО би значела воена закана за целата Алијанса

од Stefanija Kuzmanovska

Министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто, денеска изјави дека интеграцијата на Украина во НАТО ќе значи непосредна закана од војна за целата Алијанса и дека самитот во Вилнус е можност да се донесе „одговорна одлука“ за перспективите на Украина за приклучување кон воената алијанса и избегнување на понатамошна ескалација на војната.

Тој изјави дека „има добри шанси за одговорна одлука“ бидејќи нацртот на завршната декларација на самитот не содржи конкретен рок за интеграција на Украина во НАТО, пренесува МТИ.

„Доколку нацртот на финалниот документ не се промени значително во наредните часови, мислам дека има шанса да се избегне најнеодговорната и најопасна одлука“, рече унгарскиот министер.

Сијарто посочи дека најважна цел на самитот за Унгарија е потврда дека НАТО не е дел од конфликтот и дека ќе направи се што е во негова моќ за да се избегне ескалација. Тој изјави дека сите други прашања, вклучително и идните односи меѓу Украина и НАТО, мора да се толкуваат во тој контекст. Според него, НАТО е организација заснована на вредности и тие вредности ќе играат улога и во пристапната процедура.

Тој објасни дека една таква вредност е заштитата на малцинствата, која НАТО очекува Украина да ја исполни и истакна дека Унгарија „особено внимателно ќе го следи ова прашање“, пренесува „Танјуг“.

Слични содржини