Сијарто: Не можеме да се мешаме во судските постапки, не е неопходно да зборуваме за екстрадиција на Груевски

од Nikola Popovski

Унгарското Министерство за надворешни работи не може да се меша во работата на тамошното правосудство. Ова е ставот на унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто кој е во работна посета на земјава, запрашан околу тоа зошто неговата земја се уште не го екстрадирала екс-премиерот Никола Груевски кој доби азил во Будимпешта.

-Ако има некои правни постапки околу тоа, тоа не е прашање на надворешната политика. Ние не можеме да се мешаме во судските постапки и затоа не зборувавме за тоа конкретно прашање на денешниот состанок и сметам дека не е неопходно да зборуваме за него, изјави денеска унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.

Со сличен став е и шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи, кој изјави дека тоа не е прашање на надворешнополитичка комуникација, туку на судските органи и Министерствата за правда на двете земји кои што си комуницираат.

-Јас останувам на ставот дека екс-премиерот Груевски треба да биде во земјава и да се соочи со правдата тука. Не е во интерес на ниту една земја, поранешен премиер да биде во егзил, рече Османи на заедничката прес-конференција.

Македонските власти бараат екстрадиција на Груевски за издржување на двегодишна затворска казна поради незаконската набавка на „Мерцедесот“ како и за обвинението за организирање на насилниот упад во Собранието од 27 април 2017 година. Судот во Будимпешта во неколку наврати го одби барањето затоа што условите за екстрадиција не биле исполнети бидејќи поранешниот македонски премиер има статус на бегалец во Унгарија.

Слични содржини