На лондонскиот пазар, цената на барелот попладнево порасна за 52 центи, достигнувајќи 68,20 долари, во споредба со вчерашното затворање. На американскиот пазар, барелот се тргуваше за 7 центи поскапо, по 65,59 долари.
Охрабрувачките податоци пристигнаа во средината на неделата, кога Министерството за трговија на САД објави дека залихите на сурова нафта се намалиле за дури 5,8 милиони барели во изминатата недела што е значително повеќе од очекуваните 800.000 барели. Истовремено, залихите на бензин исто така бележат голем пад, од 2,1 милиони барели.
„Овие бројки укажуваат на оживување на побарувачката во САД, особено со приближувањето на летната сезона на патувања,“ велат аналитичарите на ANZ. Иако инвеститорите сè уште внимателно го следат примирјето меѓу Иран и Израел, фокусот постепено се префрла кон економските показатели и односот меѓу понудата и побарувачката, додава Тамаш Варга од PVM.
Напнатоста на Блискиот Исток сè уште фрла сенка врз пазарите. Пред две недели, Израел ги нападна иранските нуклеарни објекти и воени лидери, по што следеше одговор од Техеран со ракетни напади врз израелски воени цели. Во саботата навечер, САД извршија удари врз ирански нуклеарни објекти, што доведе до дополнителна ескалација, но по реакцијата на Иран, претседателот Доналд Трамп прогласи примирје помеѓу двете земји.
Извор: Index.hr