Симовски: Бројката на тие што одбиваат да се попишат е минорна

од Берта Китинска

Критичната маса која е против пописот е минорна, а оние граѓани кои упорно одбиваат да се попишат ќе си платат казна од 300 евра, рече директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, во вечерашното гостување во емисијата „24 Анализа“ на ТВ24.

Тој посочи дека добиените податоци од пописот се користат исклучиво за статистички цели и дека ниту една институција нема пристап до тие информации.

– Најголемиот дел од домаќинствата по дополнителен разговор прифаќаат да се попишат. Многу се ретки случаите кога некој одбива да се попише. Ќе одиме и понатаму да разговараме со лицата кои одбиваат да се попишат, но ние ќе одиме на разговори, иако во законот има членови кои ни даваат за право да спроведеме други мерки, но ние оставаме простор за убедување. Тие кои упорно одбиваат да се попишат, ќе сносат санкции согласно законот. Ова не го правиме за никого, туку за нив. Бројката на тие што одбиваат да се попишат е минорна. Не можам да кажам точна цифра, но не се повеќе од 10. Казната за тие што не сакаат да се попишат е прекршочна и чини 300 евра – истакна првиот човек на Државниот завод за статистика.

Симовски вели дека техничките предизвици што се случија во првите денови од почетокот на пописот се целосно отстранети.

Тој вели дека при воведување и користење на нова технологија е очекувано да има предизвици, но уверува дека проблемите се надминати и дека има доволно време пописот да заврши според планираното.

Тој информираше дека до денеска има попишано над 600 илјади граѓани од кои само денеска се попишани 100 илјади.

Слични содржини