Синдикалците испратија пораки и делеа ќебапи пред Владата за 1. Maj

од Nikola Popovski

На граѓаните вчера пред зградата на Владата им беа поделени синдикални ќебапи како симбол на вечната борба за работничките права и во знак на незадоволство од најактуелните случувања во македонското општество.

„Наместо да одиме напред, ние се враќаме во минатото“, рекоа синдикалните лидери. Протестираа со марш под мотото „Ќебапи за работникот, бифтек за власта“.

Го избраа овој слоган, бидејќи според претседателот на Конфедерацијата на слободните синдикати, со економските услови што ги имаат, на работниците им останува да си купат само ќебапи, а функционерите со нивните покачени плати, за 1. мај ќе јадат бифтек.

Синдикатите побараа достоинствена плата и фер услови за сите, а не манипулации и тиштење на и онака осиромашениот работник, кој спасот го бара во странство купувајчи билет во еден правец.

„Ние, работниците, не се откажуваме – како за нив, така и за нас. Нека ги намалат и тие платите и ние нема да бараме. Но, интенцијата е да се зголемат платите на сите работници, бидејќи гледаме во какво време-невреме живееме и колку се потребни тие пари. Го повикувам македонскиот работник, пензионер, народ, да излезе и да се сплоти и да им кажеме ‘не’ на овие што не мислат на нас и си гледаат само за себе“, рече претседателот на ССМ, Дарко Димовски пред Владата.

И потпретседателот на ССМ и претседател на Синдикатот УПОЗ, Трпе Деановски, се осврна на покачувањето на платите на функционерите велејќи со него тие добиле зголемување за 2 000 денари дневно, а работникот добива 2 000 денари покачување на месечната плата.

– И што добивме ние од тоа? Триесет и две години ги гледаме како исплаќаат дневници и патни трошоци, а 32 години македонскиот работник нема добиено ништо. Две илјади денари покачување на година, две илјади денари покачување на ден не е исто, 2.500 евра плата и минимална плата не е исто. Синдикална минимална кошничка од 51 илјада денари, па кој може да преживее? Кој ги прима тие плати во Македонија? Мора да се изедначиме, не може да прифатиме ништо освен истата пресметка на плата како што тие си ја земаат, рече Деановски.

Овие првомајски протести поминуваат и во знакот на барањето за почитување на правото за пристојно работно време кое дојде по најавите за 60-часовна работна недела – дел од сетот законски измени кои влегоа во Собранието, а произлегоа од договорот со Бехтел/Енка на изградбата на автопатските коридори 8 и 10д.

Слични содржини