СЈО испрашува сведок дали продал механизација на Кочан, тој не може да го потврди потписот

од desk2

Сопственикот на фирмата „Фичо сервис“, која продавала градежни машини на „Трансмет“ на Сеад Кочан, денеска сведочи пред судот одговарајќи на прашања на обвинителите во врска со тоа, дали машините биле продадени или не. Во случајот „Труст“ обвинет е бизнисменот Сеад Кочан и уште две лица, Василие Авировиќ и Сафет Ватиќ, кои се присутни на денешното рочиште.

СЈО во судница на газдата на „Фичо сервис“ му предочи договори за продажба на багери, лифкери, гасеничари и го праша дали неговата фирма навистина ја продала опремата наведена во договорот и дали „Трансмет“ е купувачот.

Сведокот рече дека договорот е негов, но не може да се произнесе прецизно што е продадено врз основа на договорот, па од СЈО, за да го потсетат извадија и фактури за наводно продадена механизација и го прашаа сопственикот на фирмата дали ќе може да ги препознае и дали се негови.

Станува збор за фактури кои „Трансмет“ на Кочан ги навел во тендерската документација за која СЈО вели дека има фалсификувани документи за поседување градежна механизација и чии ориганали СЈО не можело да ги пронајде во фирмата на сведокот.

Сведокот рече дека фактурите се негови, меморандумот е негов, но за потписите не можеше да потврди. За некои рече дека не може да ги види добро, за друг дека потписот личел на неговиот, но не може да потврди, а посочи и дека досега имал 2-3 различни потписи. Тој не можеше да ги потврди потписите на фактурите, но успеа да го препознае и потврди потписот на документот кој му го издал СЈО кога ги одзело фактурите од неговата фирма.

Во случајот „Труст“ со обвинението опфатени се и фирмите „Трансмет“, „Силекс“ и „Вато“ ДООЕЛ кои се товарат дека здружени во конзорциум доставиле фалсификувани документи за сопственост на механизација и за кадровска екипираност со цел да добијат тендер на ЕЛЕМ за ископ на јаглен во Суводол, вреден над 17 милиони евра.

По низа одлагање, претходната недела конечно започна главната расправа за случајот, а Кочан и останатите обвинети се изјаснија за невини./Плусинфо

Слични содржини