Скопје спремно за Министерскиот совет на ОБСЕ: Доаѓаат Блинкен и Лавров, бојкот на Кулеба и балтичките земји

од Nikola Popovski

Со работна вечера денеска започнува 30. министерски состанок на ОБСЕ во Скопје. Се очекува на состанокот во главниот град на Северна Македонија да дојдат околу 70 делегации на земји членки на организацијата и партнери на ОБСЕ, претставени главно од министри за надворешни работи, а обезбеден е и чартер лет од Брисел за министрите учесници на Министерскиот состанок на НАТО, од каде ќе дојдат 20 официјални претставници од различни земји.

Потврдено е присуството на американскиот државен секретар Ентони Блинкен на работната вечера на која ќе се разговара за агресијата во Украина и функционалноста на ОБСЕ, соопштија министерот за надворешни работи и претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи.

Дали и кога ќе пристигне рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров откако Северна Македонија побара и Бугарија го отвори својот воздушен простор за рускиот авион, се уште е нејасно, како и дали и какви билатерални средби ќе има. Министрите за надворешни работи на Украина и Литванија, Летонија и Естонија ќе го бојкотираат состанокот на ОБСЕ во знак на протест против учеството на шефот на руската дипломатија. Високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Жозеп Борел најави дека ќе дојде во Скопје на состанокот на ОБСЕ, но нема да разговара со Лавров.

На состанокот треба да се избере следниот претседавач со ОБСЕ, а по ветото на Русија и Белорусија за Естонија, во понеделник беше постигнат консензус во Виена и Постојаниот совет на ОБСЕ, во кој членуваат 57 земји, одлучи Северна Македонија да го предаде претседавањето со организацијата на Малта.

Во декември истекува мандатите на сите четворица извршни лидери на ОБСЕ – генералниот секретар, шефот на Канцеларијата за демократски институции и човекови права и претставниците за малцинствата и медиумите, а една од важните одлуки е поврзана на буџетот на организацијата, кој не е одобрен до 2021 година. Годишниот состанок е можност министрите за надворешни работи да ја разгледаат и оценат безбедносната состојба во евроатлантските и евроазиските области, како и работата на организацијата во сите нејзини сфери на активност.

За време на форумот се планирани споредни настани, дискусии на теми поврзани со влијанието на климатските промени врз безбедноста во регионот на ОБСЕ, младите и граѓанското општество, влијанието на теренските мисии на ОБСЕ во 2023 година, а во рамките на состанокот министрите за Надворешните работи на земјите од Западен Балкан ќе потпишат декларација за заедничка борба против корупцијата, со фокус на конфискација на имот и употреба на дигитализација.

Безбедносните мерки во Скопје се екстремно засилени, а 55 делегации имаат највисоко ниво на безбедност, изјави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Голем дел од улиците кои водат до салата Борис Трајковски, каде што ќе се одржи состанокот, од денеска напладне ќе бидат затворени, а други ќе бидат затворени одредени периоди во зависност од движењето на делегациите. Со одлука на владата администрацијата и училиштата во Скопје денеска ќе работат до пладне, а утре е прогласен за неработен ден. Ваквата одлука не важи за установите за предучилишна возраст и здравствените установи.

Слични содржини