Славески ќе испрати писмо до меѓународните институции за недоаѓањето на Арсовска на седницата за советнички прашања

од Nikola Popovski

Претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески соопшти дека ќе испрати писмо до меѓународните институции и организации за однесувањето на градоначалничката Данела Арсовска, односно нејзиното недоаѓање на седниците за советнички прашања во Советот.

-Мора да донесеме одлука како понатаму. Ќе побарам поддршка од координаторите за консултации и имам намера да испратам писмо за односот на градоначалничката кон Советот и советниците, кажа Славески и ја прекина седницата.

Советничката Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ посочи дека има повеќе од 50-тина прашања од граѓани кои што во овие шест месеци ги собрала од средбите со граѓани, а нема како да и ги постави на градоначалничката, освен на овие седници и на седниците кои што се предвидени за советнички прашања.

Додаде дека на овие седници, исто така, се носат одлуки кои имаат финансиски импликации кои се пари на граѓаните, а од друга страна, ниту Советот, ниту граѓаните имаат информации каде завршуваат овие народни средства, а градоначалничката никаде ја нема за да даде одговор.

Секретарот на Град Скопје, појасни дека градоначалничката е на терен во директна комуникација со граѓаните, за остварување на програмата „За модерно Скопје“.

Советниците на СДСМ ја напуштија седницата, затоа што без разлика што присутни се раководителите на сектори, кои се најкомпетентни да одговорат, тие не „сакаат да ги стават во незавидна положба, затоа што одговориле да бидат прераспределени по пожарните станици или да ги фати проветрување“.

Ова е трета седница по ред на советнички прашања како што градоначалничката Арсовска не е присутна.

Слични содржини