Со Европски фронт против руското влијание: „Иако Москва е присутна, се е дозволено само да се добијат гласови“

од Nikola Popovski
952 прегледи

Владините функционери и членови на ДУИ, Артан Груби и Бујар Османи вчера испратија остри пораки кон официјална Москва за руско влијание во земјава. Двајцата истакнаа дека Русија стои зад сите обиди за поткопување на стратегиските цели на Македонија.Првиот вицепремиер ја посочи источната земја како фактор за голем број од предизвиците со кои се соочила Македонија изминатите години. Груби отиде до таму што посочи дека рускиот претседател Владимир Путин ги знае сите села во земјава и дека поттикнал меѓуетнички тензии и конфликти меѓу Македонците и Албанците. Затоа вели дека се обидуваат да го изградат европскиот фронт на заедништво.

Нова стратегија на ДУИ?

Останува дилемата дали ова е нов речник и стратегија на партијата од Мала Речица во пресрет на изборите, со оглед дека обвинувањата за руско влијание веќе подолго време се искажани и истакнати во македонското општеството. За дел од аналитичарите, ваквиот наратив на ДУИ е дел од кампањата, иако истакнуваат дека има вистина во тоа што го кажуваат од владеачката партија.

Зуди Џелили

-Честите посети на регионот и кај нас од страна на релевантни фактори од меѓународната заедница вклучувајќи ја и посетата на генералниот секретар на НАТО, Јенс Стотелберг е знак дека има обиди за забавување на прогресот на Западен Балкан во евроатланските интеграции, вели поранешниот пратеник Зуди Џелили за „Локално“. Според него, случувањата во Косово и реториката на одредени структури во Македонија кои јавно се против Западот и ориентација кон Истокот се загрижувачки и ваквите работи ги кажуваат сите, а не само челници на ДУИ.

-Речникот на ДУИ можеби е за дневна политика пред претстојните избори, но дека Русија се обидува да наметне влиание во земјава е познато од поодамна. Сепак сметам дека нема да има многу влијание бидејки граѓаните се добро информирани околу случувањата со конфликтите во светот и за кревките региони во Европа, посебно Западен Балкан, оценува Џелили.

Истакнува дека европскиот фронт и сите прогресивни сили треба да работат за напредок на државата во патот кон членство во ЕУ.

-Сите други кои имаат дилеми и се против овој пат, треба да се сетат дека кризите и конфликтите сме ги виделе веќе и не носат добро на никого. Нас ни треба економски развој, подобро здраство, образование, правна држава – со еден збор подобар живот, со оглед дека дел од македонскиот народ се само емотивно поврзани со симпатии кон Русија и немале и немаат никаква корист од тоа. Сметам дека е време да ја гледат иднината на нивните деца и на сите нас. Секоја вмешаност на Русија ќе ги оштети прво тие што ќе шират дезинформации и мислам нема да имаат успех. Регионот е под заштита на НАТО и многу земји и народи во регионот се веке јасно определени, нагласува соговорникот, додавајќи дека Русија бара заришта, а не мир и спокоен живот. Тврди дека земјата сака да прошири конфликти за да ја оправда украинската окупација, но нема да успее.

Од друга страна, политичкиот аналитичар Берат Азизи смета дека сега кога се ближат изборите, се е дозволено само да се добијат гласови, иако се знае дека влијанието не Русија не само во Македонија туку и на Балканот е евидентно преку различни медиуми или други форми. Во разговор за „Локално“ вели дека дека сега зборот „албанофобија“ во речникот на министрите на ДУИ и од другата страна речникот патриотизам на другите политички лидери се прави за политички маркетинг.

Берат Азизи

-Јавноста е свесна колку ДУИ има сработено во овие години и причините за лошите резултати и за неуспехот што не добивме датум за ЕУ, се кај нас односно кај владата. Без разлика на руското влијание, Владата требаше да ги обезбеди потребните гласови за промена на Уставот, а од друга страна требаше да работи за подобро на граѓаните. Лично како граѓанин на оваа земја заинтересиран сум да имам подобра економска состојва, да владее правото, да имаме подобор систем за образование и подобри здраствени установи без разлика на надворешните влијание, бара Азизи.

Според него, оваа реторика на ДУИ многу малку може да влијае кај гласачкото тело бидејќи, како што вели, ние сме мала земја, немаме никакво влијание и не сме некој фактор за другите земји.

-Албанското гласачко тело мислам дека бара подобар живот, повеќе права и владеење на правото и еднакво да биде за сите без разлика на верата и етничка припадност. Околу т.н. Европски фронт, тоа е клучна работа и не зависи само од нас. Мислам дека руското влијание е големо и во неколку други земји и тоа е дозволено од власта. На пример никој не може да му стави крај на руското влијание поради економски причини. Само еден пример: во нашата земја има руски компании и тие се знае дека имаат дозвола за дејствување од државата, а не од граѓаните, објаснува аналитичарот.

Европскиот фронт, додава тој, добро е да се бори за европскиот пат , ама европскиот пат се гради со исполнување на неколку услови и имплементација на законите кои треба да функционираат и во пракса.

-Само преку владење на правото, подобра економска состојба, борба против криминалот и корупцијата и градење на едно демократско општество можеме да му ставиме крај на руското влијание, укажува соговорникот.

Азизи е убеден дека дезинформаците преку разни фомри кои ќе се финансираат од Русија, ќе ги има и на овие избори.

-Во вакво време на технологија е тешко да го попречиш овој феномен. Не само за нас како мала земја, ова стана проблем и за големите држави кои се соочуваат со руското или кинеското влијание преку социјалните мрежи, портали и други медиуми. Само вистината и реалноста што треба да им ја покажат на граѓаните политичките лидери е најсилна мерка против лажните вести и дезинформаците, заклучува политичкиот аналитичар.

Н.П.

Слични содржини