Социјалните медиуми главна алатки за ИД

од Vladimir Zorba
103 прегледи

  Уште еден млад човечки живот згасна на боиштата на Исламска држава во Сирија. Веста за смртта на младата девојка од Куманово одекна низ македонските медиуми кон средината на минатиот месец и повторно ги актуелизира прашањата, кои како малку да беа подзаборавени.

Колку ИД е активна во земјава? Како младите луѓе се одлучуваат да го посветат својот живот на остварување на целите на оваа групација?

Животот како жртва за целите на ИД

Веста за убиството на кумановката во Сирија, која била во редовите на ИД, македонските медиуми ја пренесоа на 14 февруари, а ја потврдија блиски роднини.

Кумановката, како што велат за МИА доброупатени извори, во Сирија заминала во 2015 година на 15 годишна возраст.

Таа била државјанка на Република Македонија со албанско етничко потекло, но живеела во една од скандинавските земји. Стапила во контакт со момче од Македонија, кое било навлезено во идеологијата на ИД и се вљубила во него.

Таргет на радикализацијата и натаму остануваат младите, особено тинејџерите, кои се во најранливите години, кога се градат себе си како личности и го пронаоѓаат правецот во животот, велат полициски експерти во разговор за МИА.

Интензитетот на активностите на ИД генерално во светски рамки е намален, таа загуби значителен дел од териториите во Сирија и Ирак, но сепак, нејзините активности се уште не се целосно искоренети, што важи и за македонско тло.

Меѓутоа за разлика од минатото, кога еден од главните начини за врбување на македонски државјани беа добротворните активности на различни блискоисточни хуманитарни организации во земјава, кои инкасираа сериозни суми на финансии и врбуваа млади луѓе, сега според полициски експерти ситуацијата е сменета.

Различните форми на поинаков ислам од оној што го проповеда ИВЗ во Македонија почнува во периодот меѓу ’94 и ’96 година, кога голем број македонски државјани заминаа на студии во арапските земји, особено во Саудиска Арабија, каде што се вршела индоктринација на некои од нив.

Кога се вратиле тие биле прифатени од ИВЗ, при што донеле некои понакви учења од исламот, од оние кои се практикуваат во земјава, ханефизмот.

Ел Харамеј, Исламски Вакуф, Игаф се дел од организациите, кои дејствувале во Македонија, под капата на хуманитарни организации, преку кои влегле тешки пари во земјава, а дел од нив се уште циркулираат. Активностите на овие организации се минато.

Според полициски експерти, во моментов работата на хуманитарните организации е под контрола на надлежните служби и тие работат, легално и за целта за која се формирани.

Во моментов речиси и да нема такви организации, кои всушност врбуваат македонски државјани за целите на ИД или друга екстеремистичка групација.

Социјалните медиуми една од главните алатки за врбување

Радикализацијата во изминатиот период се врши преку социјалните медиуми, но и преку радикални имами. Пристапот до која било информација во денешниот дигитализиран свет е мошне лесен, особено преку социјалните медиуми, велат полициски експерти.

Исламската верска заедница се повеќе ја добива контролата врз џамиите на територијата на Македонија. ИВЗ во 2014 година се огради и го осуди заминувањето во ИД, а во моментов според полициски извори на територијата на Македонија дејствуваат тројца до четворица радикални имами, кои не се во рамки на ИВЗ и кои проповедаат радикален ислам.

Учењата на ИД, како што појасни аналитичар за блискоисточни прашања во разговор за МИА, почиваат на еден правец, кој се нарекува теквиризам, учење кое во себе содржи анатема – секој кој ќе се однесува поинаку од пропишаното е анатемисан и осуден.

Теквиризмот во Македонија, според аналитичарот, навлегува во периодот меѓу 2013 и 2014 година.

Моменталната состојба

Како и да е, влијанието и дејствувањето на ИД е намалено и во светски рамки, а со тоа и во Македонија, но сепак овој феномен се уште не е целосно искоренет во земјава, велат полициски експерти.

На боиштата на ИД во Сирија и Ирак. од Македонија, според информациите на МВР, заминале нешто повеќе од 150 лица. Најголем дел се од албанска етничка припадност и македонски муслимани, но има и од македонска етничка припадност.

Еден од уапсените во една од операциите на македонските служби за апсење на лица вклучени во активностите на ИД во Македонија, бил Македонец, кој се преобратил во исламот, но во неговото најрадикално учење и заминал да се бори во Сирија, за потоа да биде уапсен во земјава.

Возраста варира од тинејџери до околу 30-те години од животот. Претежно се мажи.

Досега, на боиштата во Сирија и Ирак убени се најмалку 15 лица од Македонија.

Како младата македонска државјанка заминала во Сирија, што е тоа што ги поттикнува младите од земјава да заминат во некоја далечна земја и да се борат на страна на групации како ИД….

Продолжува…

Ана Цветковска, Борис Куновски    MIA