Спасовски: Има залихи на храна и гориво, не ги преплавувајте маркетите

од Aleksandar Todeski
307 прегледи

Премиерот Оливер Спасовски апелираше до граѓаните да не ги преплавуваат маркетите, бидејќи има доволно залихи на храна, гориво и се што е потребно. Тој посочи дека што ќе се случува во вонредната состојба, ќе зависи од донесувањето на граѓаните и состојбите во државата.

„Знам дека за некои е поважно да изнајмуваат вили во Сопиште, Соње и слично и да прават журки. Тоа не може да биде дозволено во иднина. Кога укажуваме дека не треба да имаме собири и дека се загрозува здравствениот систем, тоа е крајно неодговорно. Затоа треба сите да се однесуваме одговорно“, нагласи Спасовски.

Тој истакна вонредна состојба е една од најтешките кои ги донела владата, но и дека е нужна одлука која не ја посакувале.

„Апелирам до граѓаните на трезвеност и смиреност. И залихи на храна и залихи на горива и се што е потребно постои. За мерките кои ќе бидат ограничувања, дополнително ќе соопштиме. Редовно ќе информираме се што ќе носиме како одлука и кои ограничувања ќе ги даваме. Сите институции многу поефикасно ќе може да се вклучат. Ова не значи веднаш да ги преполнуваме маркетите и да купуваме, залихи има и во маркетите и државата, транспортот се одвива непречено. Сето тоа ќе го обезбедиме како држава, апелирам само да се почитуваат мерките на владата“, рече Спасовски.

Според него, вонредната состојба не значи дека веднаш ќе има полициски час во земјата, но сепак ќе се одлучува според однесувањето на секој граѓанин, па затоа сите треба да бидат на висината на сопствената одговорност.

„Имаме планови и тие планови ги развиваме. Мора да имаме разбирање од сите граѓани и мора да се знае дека тоа што е дадено како мерка мора да се почитува и дека ова не е состојба во која некој ќе избере како ќе постапува. Донесовме заклучок со кој секој граѓанин кој сака да излезе надвор од државата, ќе мора да потпише изјава дека нема да се врати во земјата три месеци. Апелирам сите граѓани да ги одложат патувањата“, истакна Спасовски.

Тој појасни дека уредбите ќе се носат во сите делови, за се што ќе биде потребно, а врз основа на анализите кои ги има и ќе ги има владата. Премиерот посочи и дека ќе се помогне на сите кои се економски загрозени во рамките на можностите на државата.

Слични содржини