Спасовски очекува закон со кој лицата и компаниите кои ќе се најдат на црната листа на САД, да не можат да учествуваат на јавни набавки

од Nikola Popovski

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски очекува уште лица кои што се занимаваат и не придонесуваат за борбата против корупцијата, да се најдат на црната листа на САД. Првиот полицаец во државата смета дека во Владата треба да се отвори дебата во овој контекст.

-Очекувам дека ќе треба да се донесат одредени конкретни мерки. Очекувам да се создаде законска можност во која што ваквите компании нема да можат да учествуваат во јавни набавки во кои што ќе се исплаќаат државни пари. Но, не само за нив, туку и за лицата кои што ги имаат компаниите. Преку една дискусија ќе мораме да воведеме вакви нормативни мерки, рече Спасовски денеска по увидот во градежните активности на новиот објект на полициската станица во општина Аеродром.

Ратка Куноска-Камчева, мајка на бизнисменот Јордан Камчев, како и рускиот бизнисмен со македонско државјанство Сергеј Самсоненко и неговата сопруга Ирина Самсоненко се најдоа и на американската листа на санкционирани од Македонија. Сите тројца, според извештајот на Министерството за финансии на САД, се поврзани со Јордан Камчев. Тој беше ставен на црната листа на САД на 19 јули годинава, како еден од лицата кои ја поткопуваат или загрозуваат стабилноста на Западен Балкан преку корупција или друго дестабилизирачко однесување.

Агенцијата за контрола на странски средства при американското Министерство за финансии сега стави и неколку компании поврзани со Камчев и брачната двојка Самсоненко на ажурираната „црна листа“.

Како што е утврдено од Министерството за финансии, сите средства и интереси во имотот на лицата додадени на листата кои се во Соединетите Држави или се во сопственост или контролирани од американски лица се замрзнати и мора да се пријават во „OFAC“.

Слични содржини