Поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г.г. Стефан до сите верници од православна вероисповед упати велигденска порака по повод претстојниот празник Воскресение Христово – Велигден.
– Возљубени празникољупци, велегласно ќе бијат црковните камбани, објавувајќи го Христовото воскресение, и пренесувајќи ја радоста за Празникот над празниците. Силно ќе одѕвонуваат воскресенските ѕвона, повикувајќи нè торжествено да го отпразнуваме светлозарниот ден на Христовото воскресение. Затоа, молитвено да се пренесеме до спасоносниот Настан, та едномислено и еднодушно, заедно со Небото и Земјата, да Го прославиме Бога за сите Негови дела.
Во овие торжествени мигови, да се потсетиме на неповторливата жртва, кога Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него, да има живот вечен. Под небото нема друго име дадено на луѓето, преку кое би можеле да се спасиме, освен преку името на Христа воскреснатиот, преку Кого на паднатиот човек повторно му се вратени достоинството и вечноста.
Во она воскресенско утро, ангелот објавил: зошто Го барате Живиот меѓу мртвите? Па, Тој е жив, Тој воскресна. Затоа, Велигден е празник на животот, зашто ако нема воскресение, нема победа над смртта, нема вечен живот.
Возљубени, нашево време, за жал, изобилува со недоразбирања, судири и страдање. Доброто, љубовта и вистината се потиснати од злото, користољубието и омразата.
Голема е Божјата грижа за човечкиот род и Бог посакува од секого и од сите заедно искрено покајание, без кое нема спасение. Тоа ни го покажала токму и историјата на нашиот православен народ и на нашата православна Црква: секогаш кога слабеела нашата вера и кога сме биле оддалечени од Бога, сме минувале низ многу премрежија и искушенија. Но тогаш, кога со покајание сме се обраќале за помош, Бог нè услишувал и ни подарувал и слобода и мир. Затоа, верата во Христовото воскресение е длабоко присутна во животот на нашиот народ. Во долгите ропства и туѓите владеења, и во неправдите од завојувачите, имајќи ја секогаш верата во Бога – никогаш не сме ја губеле надежта во конечната победа и во целосната слобода. Тоа е така, зашто нашата вера е вера во воскресението и нашата Црква е Црква на воскресението! Македонскиот народ знаел дека без Бога и без Црквата не ќе може ништо. Знаел и цврсто верувал дека само со Божја помош сè може да истрпи и со Божјиот благослов сè да поднесе за доброто на сите. Затоа, ние, денешните чеда на Македонската православна црква, не треба да заборавиме дека богољубието и братољубието се двете основни правила по кои треба да постапуваме. Многупати се потврдило дека само кога со едномислие чекориме во вистината Божја и кога сме сплотени – имаме напредок; дека чесноста, вистината и правдата се добродетелите со кои најдобро можеме да се бориме против сите непријатели. Всушност, нашата воскресенска вера нè учи да живееме богоугодно и братољубиво, зашто само така ќе можеме да опстоиме и како народ, и како држава, и како Црква, се вели во Пасхално послание на г.г. Стефан и САС на МПЦ-ОА
Архиепископ охридски и македонски †Стефан