Српскиот претседател Александар Вучиќ ќе и предложи на владата да се продолжи полицискиот час од 17 часот до 5 часот наутро, откако како што рече, денеска бил најтешкиот ден за Србија во однос на зголемувањето на бројот на заболени.
„Луѓе, разбирате ли што се случува? Не го зборувам ова заради политика. Ве молам не излегувајте од дома. Ако луѓето не останат дома, од понеделник може полицискиот час да биде од 13 часот, а после тоа може и 24 часа да трае“, рече Вучиќ.
Во моментов во Србија има 11 лица на респираторни машини и едно лице починато, па затоа тој ќе предложува построги мерки, вклучувајќи го и полицискиот час кој ќе трае 12 часа.
Вели, на сите им е многу тешко да соопштуваат вакви одлуки, но се одлучиле на вакви чекори затоа што дисциплината на граѓаните не е на завидно ниво.
„Ова не го правиме за некој да седи дома повеќе, туку за да преживееме. Луѓе, во италија вчера починаа 627 лица. Денеска и во Америка умреа 300 луѓе, а во Шпанија вкупно 1.400 лица. Што треба да направиме за да не послушате“, праша Вучиќ, откако во Србија во моментов има вкупно 171 заразен од корноавирусот.
На аеродромот „Никола Тесла“, вечерва се очекува авион од Кина, со медицинска помош, но и со експерти за борба со коронавирусот.