Статус кво и пад во користењето на социјалните медиуми од страна на јавните функционери и институции во 2022 година

од Stefanija Kuzmanovska

115 од вкупно 120 пратеници биле присутни на најмалку еден социјален медиуми во 2022 година. Претседателот Стево Пендаровски во целост бил онлајн, додека Владата ја заврши минатата година со 20 од вкупно 21 министер кои биле онлајн на најмалку еден социјален медиум.

Бројот на активни градоначалници на социјалните медиуми останува непроменет во однос на 2021 година и изнесува 80 од вкупно 81. Сепак, политичарите и јавните институции како полека да забораваат дека нивното активно присуство на социјалните медиуми е важен сегмент од транспарентноста и отчетноста кои се нераскинлив дел од принципот на добро управување. Токму изложувањето на властите и институциите на коментарите, критиките и мислењата на граѓаните преку ваквите дигитални алатки треба сериозно да се земе како уште еден фактор за тоа дали тие се вистински подготвени да се справат со корупцијата, клиентелизмот и одлучувањето само во тесни партиски кругови, покажа редовната годишна Анализа на Институтот за добро управување и евро-атлантски перспективи (ИДУЕП).

За потребите на Институтот анализата ја изработи комуникологот Бојан Кордалов, а активно беа вклучени и Ангела Петкова, Николина Стојановска и Каролина Ѓурковска – студентки од втора година на отсекот „Односи со јавност“ при Правниот факултет „Јустинијан Први“ од Скопје.

„Властите и политичарите и на централно и на локално ниво веќе втора година зборуваат колку многу се залагаат за дигиталната трансформација на општеството. Меѓутоа, во овој сегмент на можност за дигитална комуникација со граѓаните и медиумите и нудење на квалитетни и брзи онлајн услуги во голема мера потфрлија. Сведочиме на еднонасочна комуникација, пад на институциите како активни корисници на дигиталните алатки, а за квалитетот на содржините не може да стане збор бидејќи тие во огромен број се претворени во класични политички гласила каде речиси целиот фокус е ставен на политичарите и нивните агенди, наместо на потребите на граѓаните“, вели Бојан Кордалов, комуниколог и автор на оваа Анализа изработена за потребите на ИДУЕП.

Слични содржини