Закажана првата историска средба Доналд Трамп- Владимир Путин за постигнување мир во Украина. Американскиот и рускиот претседател ќе се сретнат на 15-ти август во Џуно, на Алјаска. Трамп истакна дека сака да се сретне што поскоро со Путин оти секојдневно гинат многу Руси и Украинци. За постигнување мир, смета дека Украина ќе мора да прифати размена на територии. „Претседателот Путин, верувам, сака мир. И Зеленски сака да види мир. Сега претседателот Зеленски мора да добие сè што му треба, бидејќи ќе мора да се подготви да потпише нешто. Го разгледуваме тоа, но всушност бараме да добиеме дел назад, а дел да размениме. Многу е комплицирано. Но, ќе добиеме дел назад. Ќе добиеме дел, некои територии ќе бидат заменети“, порача Трамп.
Всушност, ова е уште еден „ненадеен“ пресврт од страна на Трамп. Откако вети дека ќе ја заврши војната во Украина на денот по доаѓањето на власт, се чинеше дека ги смени работите и се согласи на украинското гледиште за работите, за сега повторно да открие дека му е поинтересно да се сретне со Путин. Според безбедносниот аналитичар, Милан Стефановски, средбата Трамп – Путин може да се интерпретира како заокружување на ефектите на тајната дипломатија. Тврди дека САД и Русија комуницираат по тајни канали постојано од кога се врати Трамп во Белата Куќа.
-Средба од ваков формат не би се случила ако во меѓувреме не би се дефинирале точките за компромис за запирање на војната. Прашањето е дали ќе се потребни, една, две или повеќе средби, но според техниките на тајната дипломатија, средбата нема да биде фијаско, затоа што и на двајцата лидери не би им одело во прилог заради почетните преговарачки позиции. Оттму е мојот оптимизам дека се гледа крајот на конфликтот оваа 2025 година, вели Стефановски за „Локално“.
Секако, за тоа да биде ефективно на терен, додава соговорникот, ќе бидат имплементирани неколку фази.
-На пример запирање на вооружените дејствија, понатаму формирање на каква таква демилитизирана зона, безбедносни гаранции, преговарачки тимови, мониторинг итн. Она што е исто така предмет на анализа е бурната реакција на Володимир Зелeнски. Тоа пак говори дека тој има информации од службите дека најболниот компромис на територијални отстапки, сепак ќе биде реалност, оценува Стефановски.
Аналитичарот посочува дека и Зеленски и ЕУ, САД, Кина и целиот свет во крајна дистанца посакуваат мир, завршување на војната, разорувањето на инфраструктурата и запирањето на губење на човечките животи. Тоа е формално дипломатскиот дел. Но, како што додава, суштината на овој геполитички судир има сосема поинаква димензија, односно исцртувања на политичките, економските и воените интереси на САД и Русија во прва линија и ЕУ и Кина во втора линија.
-Војната во Украина се користи за прекројување на геполитичката тежа на големите сили. Се додека не се дефинираат зоните на интересите пред се на САД и Русија, војната ќе трае. Оттаму тежината на повиците за преговори, мир и конечен договор има второстепена тежина и контекст. Ултиматумот на Трамп има форма и техника на дипломатска тактика. Да се билда моќ и динамика кој во суштина има реална моќ за диктирање на преговори. Се што ќе видите во формалниот дипломатски речник, во суштина и позадина има друга филозофија и стратегија, анализира Стефановски.
Во таа смисла, смета соговорникот, заканите во вербален наратив кои ги користат Трамп или Медведев се само памфлети до јавноста кој ја диктира реалната моќ на теренот.
-Тоа пак ја надѕира другата и поважна намера, а тоа е дека за решението за мир во Украина, а со тоа и во Европа и светот, ќе договараат и решаваат САД и Русија. Практично фазата на завршиницата на овој конфликт во кој во суштината лежи нова светска безбедносно економска архитектура не е кога ќе биде мирот, туку каков ќе е мирот после војната.
Во самата завршница се наметнува прашањето за иднината на Зеленски. Дали добро го менаџираше овој процес или не. Аферите кои го прогонуваат за корупцијата во војската, ограничувањата заради воената состојба ќе ја детерминира неговата улога и авторитет во завршницата на овој конфликт. Аферите доаѓаат и од домашната кујна, но и од разузнавачкиот апарат и дома и надвор. Можно е неговата позиција да се топи со други профили и авторитети кои во јавниот дискурс протажираат пореална завршица на војната со територијални остапки на Украина. Технологијата на замена на Зеленски не е прашање на правна форма – тоа е ирелевантно сега. Важно е на некои центри да имаат тригер профил во јавниот дискурс заради баланс и притисок, дециден е Стефановски.
Путин на средбата со Трамп ќе настапи со планот за мир кој опфаќа прифаќање на референдумите на отцепување на регионите од Украина. Москва веќе упатила покана за втора средба со Трамп во Русија за продлабочување на економската соработка меѓу двете држави.
-Русија и САД се блиски соседи, делат заедничка граница. Се чини сосема логично нашата делегација едноставно да прелета над Беринговиот теснец и толку важен и очекуван самит на лидерите на двете земји да се одржи токму во Алјаска. Секако, самите претседатели несомнено ќе се фокусираат на дискусија за опции за постигнување долгорочно мирно решавање на украинската криза. Гледајќи напред, природно е да се стремиме следната средба на претседателите да се одржи на руска територија. Соодветна покана веќе е упатена до претседателот на САД, изјави Јуриј Ушаков, помошник на рускиот претседател.
Украинскиот претседател отфрла мировен договор што предвидува Украина да отстапи дел од својата територија.
-Украинскиот народ заслужува мир. Но, сите партнери мора да разберат што е достоинствен мир. Одговорот на украинското територијално прашање веќе е во уставот на Украина. Никој нема да отстапи од ова – и никој нема да може. Украинците нема да ја подарат својата земја на окупаторот. Украина е подготвена за вистински одлуки што можат да донесат мир. Сите одлуки што се против нас, сите одлуки што се без Украина, се во исто време одлуки против мирот, изјави Зеленски.
И покрај отфрлањето на предлогот за територијални отстапки, Зеленски изјави дека е подготвен за трилатерална средба со Трамп и Путин.
Н.П.