Стејт департментот бара С.Македонија и Бугарија да продолжат со дијалогот

од Nikola Popovski

Стејт департментот ги охрабрува македонската и бугарската влада да продолжат со нивниот билатерален дијалог за решавање на разликите. Ова го изјавил портпарол на Стејт департментот за ВОА на македонски јазик, на прашањето дали САД добиле некакви гаранции од бугарските партнери дека нема да има ново вето за македонските евроинтеграции откако би се усвоиле уставните измени.

Специјалниот претставник за Западен Балкан Габриел Ескобар неодамна порача дека САД силно го поддржуваат процесот на спроведувањето на уставните измени кои Северна Македонија треба да ги усвои за да продолжи со своите евроинтеграции, а се ангажирани и со новата влада на Бугарија за да се осигураат дека нема да поставува нови барања за Скопје.

Тој ова го истакна за време на дебатата за Западен Балкан пред Поткомитетот за надворешна политика на Конгресот на САД.

Евроатлантската интеграција, потенцира Ескобар, се од клучно значење за да се намали влијанието на штетните актери во регионот, како што се Русија и Кина, но и на корумпираните локални актери, кои имаат за цел да го дестабилизираат регионот и да ги попречат интеграциите преку проширување на своите влијанија.

Пленарната седница на која се очекува уставните измени да се најдат пред пратениците е закажана за 18-ти август.

Владата веќе подолго време повикува на конструктивност и постигнување натпартиски консензус за усвојување на уставните измени како дел од преговарачката рамка со Европската Унија и услов за продолжување на преговорите со ЕУ. Смета дека пред граѓаните и државата е „неповторлива шанса за потврдување на европскиот пат, забрзување на европските интеграции и остварување на оваа европска цел до 2030 година“.

Од опозицијата засега одбиваат да дадат поддршка за промена на Уставот, убедени дека се работи за бугарски диктат.

Слични содржини