Стерјовски во парламентот ја поздрави препораката на ЕК за Северна Македонија и за Албанија

од Марта Пешевска
139 прегледи

Пратеникот од Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) Васил Стерјовски на денешната пленарна седница во албанскиот Парламент ја поздрави препораката на ЕК за безусловен почеток на преговорите со Албанија и Северна Македонија.

– Ја поздравуваме препораката за Албанија и за Македонија, со која се потврдува остварениот напредок во спроведувањето на реформите. Одлуката е важен и голем исчекор кон европската интеграција на двете земји, но и земјите од Западен Балкан. Нас, во Албанија, сите заедно, не очекува амбициозна и сеопфатна работа, а нужни се разговори меѓу Владата и опозицијата. Посакувано е учеството на сите национални малцинства и на албанското општество во целина, како заедничка цел, која сите не засега, рече Стерјовски.

Тој посочи дека добрососедството е критериум за европска интеграција на Република Албанија и оти таа политика мора да се унапредува со сите соседи.

– Македонците во Република Албанија и Албанците во Република Македонија се мостови на соработка и братство во вкупните македонско-албански односи, врз основниот принцип на меѓународното право на еднаква сувереност. Наша стратешка определба е договор за траен мир и добрососедство меѓу Република Албанија и Република Македонија, нагласи Стерјовски.

Тој како многу значаен го наведе фактот што Албанија годинава одбележува десетгодишнина од зачленувањето во НАТО и како што рече, останува сите заедно без оглед на етничко потекло, верско уверување, политичка припадност и социјален статус да го изодат патот на европската интеграција на Албанија во Европската Унија.