Стевановиќ: Не можам да прецизирам зошто се повеќе млади лица починуваат од Ковид-19

од Nikola Popovski

Станува збор за девојче со прекумерна телесна тежина, која само по себе носи сериозен ризик од компликации и тешка болест, изјави денес директорката на Инфективната клиника, Милена Стевановиќ за починатото 15-годишно девојче од тетовското село Селце.

Таа додаде дека пациентката тераписки била целосно покриена и за жал, немало што да се додаде за да се смени исходот на заразата.

Стевановиќ наведе не знае и не може да даде информации зошто кај младите лица се следи ваков тежок развој на болеста.

-Навистина не можам да прецизирам. Притоа немаме податоци за хронични болести. Се обидовме и со матичните лекари да видиме дали има некакви коморбидитети, во случајот со младата пациентка, но немаме такви сознанија, односно нема медицински записи, информира Стевановиќ.

Девојчето починало денеска на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, соопшти Министерството за здравство со голема жалост.

-Пациентката со многу тешка клиничка слика била донесена на Инфективната клиника откако 13 дена претходно била со симптоми на болеста. Пред да биде болнички лекувана, пациентката имала тегоби 10 дена. Според медицинскиот извештај, станува збор за исклучително тежок случај, со развиена тешка форма на болеста, а пациентката била со обезитас, велат од МЗ и според епидемиолошката анкета направена со таткото на девојчето, и нејзината мајка починала од Ковид-19.

Слични содржини