Столтенберг: Шведска е побезбедна откако поднесе барање за членство во НАТО

од Nikola Popovski

Шведска денес е побезбедна отколку пред да аплицира за членство во НАТО, изјави денеска генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг, иако Турција во моментов ја блокира нејзината кандидатура.

Солтенберг рече дека сојузниците на НАТО дале основни гаранции за заштита на Шведска за време на преодниот период додека не стане полноправна членка на Алијансата, а може да се повика на член 5 од договорот за меѓусебна одбрана.

„Од безбедносен аспект Шведска денеска е во подобра ситуација отколку пред кандидатурата. Сојузниците на НАТО одговорија давајќи гаранции за безбедноста на Шведска“, кажа Столтенберг.

Тој рече дека ако Шведска биде нападната, незамисливо е да не реагираат сојузниците од НАТО и дека тоа е порака што Алијансата јасно му ја пренела на секој потенцијален непријател.

Тој, исто така, на заедничката прес-конференција со шведската премиерка Магдалена Андерсон Столтенберг рече дека НАТО работи „посветено и активно“ со Стокхолм и Анкара на што поскоро решавање на приговорите на Турција за приемот на Шведска и Финска, кои исто така аплицираа за членство.

Анкара ја обвинува Шведска, а до одреден степен и Финска, за засолниште на Курдистанската работничка партија (ПКК), групација која Турција и нејзините западни сојузници ја нарекуваат терористичка.

Анкара е незадоволна и од ембаргото што го воведе Шведска за продажба на оружје на Турција во 2019 година поради турската воена офанзива во Сирија.

Целиот пристап во НАТО мора да биде одобрен од сите 30 земји-членки.

„Ние ја сфаќаме загриженоста на Турција многу сериозно, особено за безбедноста и борбата против тероризмот“, рече шведската премиерка.

Слични содржини