Стручната јавност согласна дека без ЕУ преговори Македонија се соочува со ризици

од Vladimir Zorba
230 прегледи

Недоделувањето датум за преговори со ЕУ оваа година може да има драматични последици за целиот регион, изјави вчера еврокомесарот Јоханес Хан, порака упатена во голем дел до Франција, која сѐ уште со резерва гледа на оваа опција во јуни.

Дел од стручната јавност, која вчера одржа панел дискусија за Преспанскиот договор во Брисел, е согласна дека ова сценарио носи ризици, пред сѐ, на внатрешен план за земјата.

-Мислам дека ќе има ризик за земјата, бидејќи целата репутација на Заев е поврзана, од почетокот на кризата, со ЕУ и перспективата за преговори и доколку се одлучи да нема датум, ќе има ефект врз внатрешната политика и ќе има напади врз Заев, повици за нови избори, итн., коментира за МИА историчарот Димитар Бечев.

Иако, незадоволството на јавноста е вообичаена појава по две години власт, за грчкиот професор Јанис Армаколас, постои опасност дека повторно одлагање на одлуката во јуни или подоцна ќе ги засили националистичките струи.

-Многу од жртвите што ги направи Владата на Заев се разбира беа направени за да започнат преговорите со ЕУ, и ако ова не се случи, тогаш повторно ќе и се даде аргумент за опозицијата – “ви рековме дека за џабе го дадовме името“, тоа ќе ја ослаби Владата на Заев и се надевам дека имаат план за тоа како ќе ги менаџираат очекувањата после јуни, вели Армаколас, кој смета дека е многу важно да се добие зелено светло во текот на оваа година.

За Симонида Кацарска, директорката на Институтот за европска политика, ЕПИ, ЕУ треба да биде свесна дека освен ризиците за Македонија, таа и сопствениот кредибилитет го става во опасност со евентуално недоделување на преговори. Според Кацарска, дури и одлуката да се донесе малку подоцна од јуни, до октомври, Македонија може да го фати зацртаниот рок на отворање на првото поглавје до крајот на годината.

-Доколку, пак, нема одлука за преговори, Владата треба да ги испорача истите тие реформи и вредности кои што би се одвивале и со преговорите. Граѓаните во земјата очекуваат подобрување на стандардот, искоренување на корупцијата, подобрување на владеењето на правото, тоа се насоки за која било влада и ќе треба дупло повеќе да работи доколку нема преговори за да покаже дека испорачува за барањата на граѓаните, вели Кацарска.

За одлуката за преговори многу ќе зависи, се разбира, како ќе се постават земјите членки. Додека многумина очекуваат позитивен извештај на Европската Комисија (ЕК) за Северна Македонија на 29-ти мај, останува проблематичен фактот што Комисијата најверојатно повторно ќе бара од земјите членки да отворат преговори заедно во Албанија.

-Групата со Албанија не ни оди во прилог, одвојувањето се дискутира во европските кругови, но прашање е дали ќе има земја членка која што тоа ќе го покрене, бидејќи не сум сигурна дека ЕК ќе може тоа да го направи, вели Кацарска за МИА.

Другата опасност на незапочнувањето преговори со ЕУ се однесува на самиот Преспански договор и односот кој би го имала опозицијата доколку дојде на власт. Армаколас иако не верува во реториката на опозицијата дека може да се ревидира Преспанскиот договор, сепак предупредува дека неговите бенефити треба максимално да се експлоатираат за да имаат ефект.

-За мене прашањето е дали со срце ќе му пријдат. Мислам дека договорот е многу важен, но за неговиот целосен потенцијал да се реализира, ќе треба двете влади и граѓанските општества напорно да работат, оценува грчкиот професор, кој стравува од иста појава и во неговата земја во случај на доаѓање на власт на Нова Демократија, посебно со оглед на фактот дека оваа партија активно ја убедуваше јавноста дека договорот е штетен.

Бечев од своја страна жали што опозициската ВМРО-ДПМНЕ не е повеќе конструктивна и модерна центар-десна партија. Тој на панелот потсети дека оваа партија честопати во минатото била на власт кога се реализирале значајни европски успеси за земјата, како на пример потпишувањето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација, првиот чекор на патот кон полноправно членство за земјите кандидати.

-Тоа е наследството на груевизмот, и тоа подоцниот груевизам, кога отидоа во националистички и популистички правец, тоа им е негативно наследство, сега им треба нов лидер, кој ќе ја смири реториката, кој ќе го позиционира ВМРО во центристички спектар, услов е лидерот да има смелост и да има свој став и да ја врати ВМРО во некоја центристичка позиција, нагласува Димитар Бечев.

Одлуката за старт на преговори се очекува во текот на јуни, но би можела да биде одложена за јули, септември или октомври доколку европскиот календар тоа го наложи. За Македонија, најпозитивното сценарио би било првата меѓувладина конференција, односно првото поглавје од преговорите, да се случат на крајот на оваа година. 

Слични содржини