Струмица доби нова градинка, готови уште десет низ земјава до крајот на годината

од Nikola Popovski

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски заедно со министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска и со градоначалникот на Општина Струмица, Коста Костадинов денеска во Струмица присуствуваа и се обратија по повод новоизградената градинка со капацитет од 307 деца од предучилишна возраст.

Градинката „Виножито” е најголемата установа за ран детски развој изградена во рамки на Проектот за подобрување на социјалните услуги кој го спроведува Министерството за труд и социјални услуги со финансиска поддршка на Светска банка и воедно најголемата во Струмица.

-Покрај тоа што со градинката се решава долгогодишниот проблем со сместувачки капацитети во предучилишното образование во градот и неговата околина, новиот објект обезбедува современи просторни услови за престој на децата прилагодени на нивната возраст и на образовниот метод за учење преку игра. При градбата се имплементирани највисоки стандарди за енергетска ефикасност. Со сите овие современи инсталации значајно се намалуваат редовните трошоците за работа на градинката и се влијае врз намалувањето на емисиите на јаглерод диоксид во воздухот, соопштија од Владата.

Фактите покажуваат дека како Влада имаме направено убедливо најголеми инвестиции во градинките во историјата на Северна Македонија. Со наша поддршка досега се отворени 72 градинки, во кои се згрижени околу 4.800 нови деца. За прв пат, 10 населени места добија градинки, а клонови на јавни установи за предучилишно воспитание добија уште 17 населени места, рече премиерот Ковачевски по повод отворањето на градинката.

Тој посочи дека до крајот од годината треба да завршат градежните работи на уште 10 нови градинки, а до крајот на 2023 година, на уште 15 градинки.

Слични содржини