СЗО: Коронавирусот во Европа се шири побрзо отколку во март

од Nikola Popovski

Ситуацијата со коронавирусот во Европа е сериозна, оценил денес регионалниот директор на Светската здравствена организација за Европа, Ханс Клуге.

Клуге додал дека регистрираното неделно зголемување на бројот на нови случаи со Ковид-19 сега е поголемо отколку во март, кога пандемијата го достигнала првиот врв на тој континент.

Минатата недела вкупниот неделен број на регистрирани случаи во Европа надминал 300.000, а повеќе од половина од европските земји во изминатите две недели бележат зголемување на бројот на случаи од повеќе од 10 проценти, додека во седум од земјите бројот на новозаразени се зголеми за двојно во тој период, посочил Клуге во официјалното соопштение.

„Строгите анти-епидемиски мерки дадоа резултати во текот на пролетта и почетокот на летото, така што бројот на нови случаи на Ковид-19 во јуни беше на најниско ниво досега, но зголемувањето на бројот на заразени во септември треба да послужи „како повик за будење кај сите нас“, предупредува Клуге.

Иако зголемувањето е делумно одраз на проширениот опсег на тестирање, тоа исто така укажува на вознемирувачка стапка на пренесување на коронавирусот низ европскиот регион, а најголем дел од повеќето нови случаи во првата недела од септември сè уште го сочинува населението од 25 до 49 години, се вели во соопштението.

Досега во Европа се регистрирани 4.893.614 случаи на заболени од Ковид-19, од кои 226.524 лица починале, но овие податоци се само дел од приказната, бидејќи влијанието на пандемијата врз нашето ментално здравје, економија, средства за живот и општеството е огромно, вели Клуге.

Слични содржини