СЗО: Не „жртви“, туку „луѓе кои имаат ковид-19“

од Elena Daskalova

Светската здравствена организација објави важни препораки за зачувување на менталното здравје во време на пандемија, но и избегнување на стигматизирање и етикетирање на заразените луѓе.

Според СЗО, етички е да ги нарекуваме „луѓе кои имаат ковид-190“, „луѓе кои се лечат од ковид-19“, „луѓе кои закрепнуваат од ковид-19“, бидејќи и по пандемијата, тие остануваат луѓе, нечии деца, нечии роднини, луѓе кои работат и кои имаат семејства.

„Ковид-19 погодува и ќе погодува луѓе од разни земји, од разни географски локации. Не смеете да ги поврзувате ниту со национална, ниту со етничка припадност“, стои во препораките на СЗО.

„Тие не направиле ништо лошо и заслужуваат поддршка, сочувство и љубезност“, наведува СЗО.

За да се избегне стигматизирање, не треба нивниот идентитет да се основа на дијагнозата. СЗО исто така советува да се намали следењето вести кои го вознемируваат населението.

„Информирајте се преку релевантни извори за да преземате практични чекори во заштитата. Дајте им на значење на фактите, а не на дезинформациите. Фактите ќе помогнат во намалување на општиот стрес“, советуваат од СЗО.

Тие веруваат дека треба да се искористат позитивните приказни од оваа пандемија, бидејќи во светот има многу луѓе кои веќе се излечени и повторно се со своите најблиски.

„Почитувајте ги здравствените работници кои се грижат за лицата со ковид-19. Ценете ја нивната улога во спасувањето на животите“, велат од СЗО во новиот пакет-препораки за пандемијата.

Слични содржини