Светската здравствена организација денеска соопшти дека постои „умерен ризик“ откако една од завојуваните страни во Судан ја презеде контролата врз лабораторија која содржи патогени за колера и други опасни материи.
„Ситуацијата и ризикот се сметаат за умерени“, изјави портпаролот на СЗО Тарик Јашаревиќ за новинарите на брифингот во Женева.
„Тоа е затоа што лабораторијата не може да ја обезбеди својата основна функција, односно да дава анализи и дијагностика поради недостиг на гориво и обучен персонал“, додаде тој.
Претставникот на СЗО во Судан минатата недела изјави дека постои „висок ризик од биоопасност“ во суданскиот главен град Картум, откако една од завојуваните страни ја зазеде Националната лабораторија за јавно здравје, во која се складирани патогени на колера и други опасни материјали.
„Ова е главната грижа: лабораториските техничари немаат пристап до лабораторијата за безбедно да го пакуваат биолошкиот материјал и опасните материи“, изјави претставникот на СЗО, Нима Саид Абид, одбивајќи да прецизира која од завојуваните страни го окупирала објектот, пренесува „Танјуг“.