„Тајмс“: Западот го знае името на нарачателот на саботажата на руските гасоводи

од Stefanija Kuzmanovska

Западните разузнавачки агенции знаеле за украинската вмешаност во саботажата на гасоводите „Северен тек“ и „Северен тек 2“ една недела по експлозиите, пишува британски „Тајмс“.

Според авторот на текстот, НАТО се обидел да спречи овие информации да станат јавни, бидејќи тоа би довело до заострување на односите меѓу Украина и Германија. Во написот се наведува и дека европските разузнавачи го знаат името на „приватниот спонзор“ на саботажата. Безбедносните служби не го откриваат неговиот идентитет, но станува збор за богат Украинец кој, наводно, нема врска со претседателот Владимир Зеленски.

„Порано или подоцна, неговото име дефинитивно ќе биде објавено, особено ако се земе предвид дека ја оставил својата необична ‘визит-карта’. Односите на Украина со нејзините сојузници ќе останат во најдобра состојба, доколку оваа личност јавно признае“, се вели во текстот, без да се прецизира каква било трага што би можела да укаже на идентитетот на „влијателната личност“.

Министерот за одбрана на Украина, Алексеј Резников, изјави дека украинските специјални служби немаат никаква врска со споменатата саботажа.

„За мене оваа публикација е малку чудна, бидејќи оваа приказна нема никаква врска со нас. Верувам дека истрагата на надлежните органи ќе ги разјасни сите детали. Ова секако е ‘комплимент’ за нашите специјални служби, но тоа не е наше дело“, рече Резников.

Претходно „Њујорк тајмс“, повикувајќи се на извори во американската администрација, наведе дека американски официјални лица објавиле дека не се пронајдени докази за наводна вмешаност на руските власти во нападите на гасоводите „Северен тек“ и дека новите разузнавачки информации обезбедуваат основа за претпоставка дека некоја проукраинска група стои зад нападот на гасоводите.

Германскиот весник „Цајт“ наведува дека германските истражители го идентификувале бродот од кој е извршена диверзијата на гасоводите „Северен тек“, а трагите водат до компанија во сопственост на Украинци.

Слични содржини