Таравари: На пратеничките листи нема да има лица вклучени на американската црна листа

од Nikola Popovski

Претседателот на Алијанса за Албанците и кандидат за претседател на државата, Арбен Таравари порачал дека пратеничките листи на здружената албанска опозиција нема да содржат лица вклучени на црните листи, мислејќи на листата со санкции на САД.

Меѓу другото, тој нагласлил дека на листите ќе има позитивни и професионални личности кои уживаат авторитет.

„Ви гарантирам нешто дека на нашите пратенички листи нема да имаме луѓе кои се вклучени во црните листи. Нема да има личности кои се вмешани во коруптивни афери и нема да има личности кои се политички потрошени. Ќе има позитивни, професионални личности и луѓе кои уживаат одреден кредибилитет во земјата каде што живеат. Тие ќе бидат личности кои уживаат авторитет и се докажани личности во областите“, изјавил Таравари за „Euronews“ на албански јазик.

Според последното ажурирање, САД ги ставија на црна листа поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева и актуелниот градоначалник на општина Карпош, Стевчо Јакимовски поради „постапки со кои го поткопаа владеењето на правото и вербата на јавноста во демократските институции и јавните процеси на нивните влади“.

На црната листа се и градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, бизнисменот Орце Камчев и неговата мајка Ратка Куновска-Камчева, бизнисменот Сергеј Самсоненко со неговата сопруга Ирина Самсоненко, а во декември 2023 година, им се придружи и поранешниот вицепремиер и бизнисмен Кочо Анѓушев.

Пред доаѓањето на американскиот тим во 2022, САД воведоа санкции и за поранешниот премиер Никола Груевски и неговиот прв братучед и бивш шеф на УБК, Сашо Мијалков, како и нивните семејства.

На црната листа, се и десетина фирми поврзани со нив.

Во годините претходно, пак, меѓу оние кои САД ги прогласија за неподобни беа и поранешниот министер за внатрешни работи, Љубе Бошковски и лидерот на ДПА и актуелен пратеник, Мендух Тачи.

Слични содржини