Таравари вечерва организира конгрес на Алијанса, Села со свој во недела

од Nikola Popovski

Поделената Алијанса за Албанците денеска и во недела ќе одржи два конгреси. Вечерва во 19 часот во хотелот „Александар палас“ во Скопје претседателот на партијата, Арбен Таравари закажа конгрес, додека во недела, поранешниот лидер на АА, Зијадин Села во македонската „Опера и Балет“.

Пратеникот од АА, Халил Снопче, кој припаѓа на крилото на Таравари, го најави денешниот вонреден конгрес, меѓудругото пишувајќи „промената започна“ во повикот на социјалните мрежи.

„Врз основа на член 31, точка 1, од Статутот на Алијансата за Албанците, свикувам вонреден Конгрес, петок, 16 февруари 2024 година, во 19 часот, во Александар Палас во Скопје. Промената започна!“, стои во објавата на социјалните мрежи.

Врз основа на состанокот одржан пред неколку дена од страна на Собранието на АА на кој беше одлучено да се разреши Таравари, најверојатно Конгресот на Села ќе одлучува и за негово разрешување и за назначување на нов вршител на должноста претседател.

Вчера Таравари од Гостивар ја најави претседателската кандидатура, поддржан од Европскиот сојуз за промени. Најави дека е дојдено време Македонија да има претседател Албанец и се спореди себеси со поранешниот американски претседател Барак Обама.

Причината за раздорот во АА е ставот на Таравари партијата да оди на изборите со здружената албанска опозиција, а не самостојно, како што бараат Села, Лога и другите раководни лица на партијата. Градоначалникот на Гостивар својот став го објави на Фејсбук, без притоа да се консултира со Централното собрание на АА.

Слични содржини