Теренска вакцинација по училиштата од утре, по епидемијата од морбили

од desk2

Медицински тимови од утре ќе почнат со вакцинација на ученици против морбили во сите основни и во средни училишта во земјава. Ова го најави министерот за образование Арбер Адеми, откако пред два дена здравствените власти прогласија епидемија на мали сипаници во целата држава.

„Ситуацијата станува алармантна. Од утре ќе теренска вакцинација во основните и средните училишта и мислам дека граѓаните и самите ученици ќе одговорат позитивно на оваа теренска вакцинација. Имајќи ја предвид ситуацијата со која се соочуваме, имаме епидемија и институциите е недозволиво да стојат со скрстени раце туку да излезат на терен и да ја подобрат состојбата“. – изјави Арбер Адеми – Министер за образование и наука.

По најавите на здравствените власти дека невакцинирани деца нема да се примаат во училиштата, министерот Адеми вели дека заедно со Филипче ќе бараат решенија кои ќе бидат во согласност и со уставните одредби, според кои основното образование е задолжително за сите деца, но истовремено и да не се загрозува јавното здравје.

„Треба да ги имаме предвид сите овие вредности што се заштитени со Уставот, но и со законите и треба да делуваме било како индивидуи или како институции во согласност со овие темелни вредности на Уставот и правото на образованието, но и заштита на јавното здравје, така што очекувам дека оваа теренска вакцинација ќе вроди со плод и оваа ситуација ќе се надмине“. – изјави Адеми.

Од министерството за здравство тврдат дека медицинските тимови се подготвени да почнат со теренската вакцинација и веќе е испратен допис до центрите за јавно здравје во сите градови. Според последните податоци, вчера на скопската клиника за инфективни болести се јавиле 14 заразени со морбили, од кои двајца останале на болничко лекување. Во тешка состојба е еден возрасен пациент и три деца кои развиле пневмонија како последица на малите сипаници.

Во амбулантата на инфективна пак биле примени уште 12 пациенти од кои тројца биле лекари од внатрешноста на земјава. На детската клиника пак се лекуваат 13 деца од морбили од кои едно е во тешка состојба и дише со помош на апарати. Во последните пет месеци близу 1 000 лица заболеа од морбили, а три деца починаа поради компликации од заразата.

Слични содржини