Tешка есен ги очекува државите кои беа поштедени од короната во пролетта

од Stefanija Kuzmanovska

Она што изненади многумина од почетокот на пандемијата е секако фактот дека повеќето од посиромашните европски земји и области на југ и исток го издржаа првиот бран на коронавирус подобро од оние добростоечки краеви на блокот.

Мерките беа делумно детерминирани од недостиг на ресурси, така што овие посиромашни земји не се потпираа – како Германија, на пример – на добро организирани и стабилни здравствени системи, туку набрзина херметички ги затворија границите и прогласија карантин. Сепак, иако тоа значеше дека здравствениот систем не беше преоптоварен во првиот бран, во исто време шансата да се тестираат границите на тој систем беше пропуштена и овие земји и области дури сега, со доаѓањето на новиот бран на есен, би можеле да се соочат со потешкотии, пренесува „Нова.рс“.

Бројот на новоинфицирани лица повторно почнува да расте во Европа и не само што нема гаранција дека истите области повторно ќе ја издржат пандемијата релативно добро, туку токму тие сега бележат доста големи скокови.

Романија првично имаше релативно мал број заразени лица, но во јули бројките започнаа да скокаат. Унгарија дури неодамна објави дека дефинитивно повторно ќе ги затвори своите граници, како што тоа се случи на почетокот на кризата, а Полска бележи двојно поголема стапка на инфекција за разлика од летото.

Експертите се сомневаат дека ќе се повтори хаосот што се случи во пролет, пред се затоа што сега се познати повеќе информации за самиот вирус, пишува „Политико“, а лекарите известија и за третман на вирусот кај пациенти. Исто така, луѓето сега се посвесни за важноста на носењето маски и одржувањето на социјалната дистанца.

Покрај тоа, бројот на тестирани генерално расте непрекинато, што значи дека споредбите со пролетниот бран не се сигурни.

Епидемиолозите стравуваат дека постуденото време може да започне нов бран, особено затоа што ќе започне и сезоната на грип.

Ситуацијата дополнително се комплицира со предвидувањата дека најкритично ќе биде во земјите што инаку имаат најкревки економии во Европа.

Белгија, Италија и Велика Британија – воедно државите кои се најпогодени од коронавирусот од почетокот на пандемијата – бележат севкупен раст, но „Еуроњуз“ посочува дека тоа не е ни близу ситуацијата во март и април. Франција, Полска, Холандија и Шпанија се чини дека се на удар на вториот бран и веќе ги преземаат потребните мерки или ги разгледуваат за да се спречи понатамошно ширење на инфекцијата.

На 4 септември, Франција забележа рекорден вкупен број на активни пациенти кој изнесуваше 8.795.

 

Слични содржини