Тешко до решение до петок меѓу Арсовска и приватниците: „Град Скопје не предизвикува колатерална штета“

од Nikola Popovski

Се поизвесна е блокадата на Скопје во петок од страна на приватниците превозници откако синоќа градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска не информира дека на повидок е решение во наредните 48 часа.

Таа смета дека приватните превозници со најавите за блокада на Скопје сакаат да направат „привиден хаос“.

-Договорите не се раскинати по наша вина, туку затоа што некој не си ги почитувал одредбите на оној договор што го имал склучено. Ние како Град Скопје понудивме на секој што сака да работи чесно, ќе му овозможиме по нов јавен повик под соодветни услови и директно да може да си равботи. Ова што го видовме со овие здруженија и со ова што се случуваше во изминатите месеци е далеку од тоа, рече Арсовска во синоќешното гостување на „Топ тема“.

Таа додава дека „колатералната штета кој некој ја предизвикува кон граѓаните има име и презиме, а тоа не е во Градот Скопје“.

-На закани и уцени нема да се подлегне под ниту една цена. ЈСП им има исплатено отприлика 156 милиони денари, заклучно до последниот месец за кој се обраќале. Тоа се тековни работи што им се исплаќаат на овие здруженија, кажа градоначалничката.

Таа ги негира обвинувањата на приватните превозници дека ЈСП им должи 1 милион евра и праша зошто ако е така не е поднесена опомена пред тужба. Смета дека тоа е „индиција за нешто”.

Ако во меѓувреме нема преговори и договор со Градот, директорот на „Слобода превоз“ Ленин Јовановски најави дека во петок ќе има масовни блокади на Скопје со 200 автобуси.

Слични содржини