Тоа е уставна реформа бидејќи не менуваме ништо во Уставот, вели Османи за внесувањето на Бугарите во Преамбулата

од Nikola Popovski

Моја задача е да сум оптимист и да работам тоа да се случи. Според моите сознанија, процесот ќе заврши успешно и се надевам навремено, рече денеска министерот за надворешни работи, Бујар Османи околу потребните уставни измени за продолжување на преговорите на земјава за членство во ЕУ.

Османи истакнува дека не станува збор за промена или измена на Уставот на Македонија.

-Тоа е уставна реформа бидејќи не изменуваме ништо во Уставот. Ние додаваме уште неколку заедници, бидејќи перцепцијата е дека нешто ќе смениме. Од листата на шест заедници, додаваме уште четири. Работиме на тоа и оптимисти сме дека ќе се заврши во наредниот период, дециден е Османи одговарајќи на новинарски прашања на денешниот брифинг со медиумите.

Македонија доби статус на кандидат за членство во Европската унија во 2005 година, но прво поради спорот со Грција за името, а потоа и со Бугарија за идентитетските прашања, пристапните преговори ги отвори дури во втората половина на минатата година. За да ги отвориме првите поглавја за влез во Европската Унија, потребно е пратениците да ги усвојат уставните амандмани.

Интервенциите се однесуваат на додавање делови од народи во Преамбулата и членовите 49 и 78 од Уставот, при набројувањето на деловите од народи во нашата држава. Односно, во формулацијата: „Граѓаните на Република Северна Македонија, македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите“, после зборот бошњачки народ се става запирка и се додава: „бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ, еврејскиот народ и еѓипќанскиот народ“.

Слични содржини