Жестоката расправија помеѓу американскиот претседател Доналд Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски во Белата куќа беше пресметан потег на Трамп, според германски политиколог.
„Тоа беше реалити телевизиската ѕвезда Доналд Трамп, кој го правеше токму она што обично го прави: вербално напаѓаше некого пред камерите“, рече Томас Џегер од Универзитетот во Келн во интервју за телевизиската станица n-tv.
„Тоа беше негов заштитен знак долго време и тој сето тоа го планираше. Тоа не беше случајност, тоа не беше резултат на провокација. Тоа беше измислено сценарио“, рече експертот за состанокот во петокот на кој Трамп и неговиот потпретседател Џеј-Ди Венс го обвинија Зеленски пред камера.
Она што беше наменето како можност да се зборува за безбедносната и економската соработка брзо се претвори во жестока размена пред новинарите во Овалната соба. Венс го обвини Зеленски дека не е доволно благодарен за долгогодишната американска помош против руската инвазија, иако CNN подоцна истакна дури 33 ситуации во кои Зеленски им се заблагодарил на американските власти и народ за помошта. Трамп, пак, му порача на украинскиот претседател да се договори со Русија или ќе се соочи со губење на американската поддршка.
„Ти се коцкаш со животите на милиони луѓе“, му рекол тој. „Се коцкаш со Трета светска војна, потенцираше Трамп.
Зеленски, видно фрустриран, се обиде да објасни зошто не верува дека дипломатијата е доволна за да го убеди рускиот претседател Владимир Путин да стави крај на војната, сугерирајќи дека и САД ќе ги почувствуваат последиците доколку Украина биде принудена да прифати мировен договор под руски услови. Зеленски потоа ја напушти Белата куќа, а планираниот договор за минерали не беше потпишан. Трамп подоцна го обвини Зеленски за „непочитување“ на Соединетите држави, велејќи дека украинскиот лидер може да се врати „кога ќе биде подготвен за мир“.
Политикологот Џегер укажа на притисокот со кој се соочи Трамп откако ги иницираше билатералните преговори со Русија.
„Во последните неколку дена стана многу јасно дека Трамп не напредува во својот план некако да стави крај на оваа војна“, рече Џегер, мислејќи на предизборното ветување на новиот американски претседател. „И тоа е затоа што Русија ги диктира условите“, рече експертот.
Меѓутоа, бидејќи населението на САД не му верува на Путин, Трамп „мора да ја понижи Украина, тој мора да го понижи украинскиот претседател за да му „продаде“ на американскиот народ дека излегува со предлог за ставање крај на оваа војна, што во крајна линија значи предавање на Украина, и дека Украина, а ова е резултат на синоќешната дискусија, едноставно повеќе не заслужува поддршка од САД.
Украинскиот политиколог Владимир Фесенко, кој важи за близок до Зеленски, е убеден дека мировните преговори „нема да бидат на маса уште некое време“ по расправијата во Белата куќа, која според него била предизвикана од емотивните реакции меѓу Зеленски и Трамп и провокациите на Венс. САД беа најголемиот донатор на Украина на оружје и друга помош за одбрана од руската инвазија.
Кавгата во петокот ги поттикна стравувањата дека промената во американската политика кон Украина откако Трамп ја презеде функцијата пред нешто повеќе од еден месец, може да кулминира со замрзнување на американското оружје за Украина.