Торнадо ја погоди Чешка, десетици куќи уништени (ВИДЕО)

од Берта Китинска

Најмалку три лица загинаа, а стотици се повредени во силното невреме проследено со торнадо што го погоди југоистокот на Чешка, потврдија денеска спасувачките служби.

Седум градови и села претрпеа голема материјална штета, цели згради беа претворени во урнатини, а автомобилите беа превртени, додека над 120.000 домаќинства останаа без електрична енергија, откако провинцијата Јужна Моравија вчера беше погодена од торнадо, пренесува АП.

Околу 360 дополнителни полицајци беа испратени во областа, заедно со армијата, а спасувачките екипи од многу делови на земјата кои дојдоа да помогнат, им се придружија и колеги од соседна Австрија и Словачка, и тие ги пребаруваа урнатините со беспилотни летала и хеликоптери во потрага на повредените.

Регионалната служба за спасување објави дека загинале најмалку три лица, а заменик-градоначалникот Марек Бабиш потврдил дека половина од селото Хрушки во регионот Брецлав е буквално срамнето со земја и има повредени.

“Половина од селото беше срамнето со земја, останаа само потпорни ѕидови без покриви и прозорци. Црквата нема покрив, нема кула, автомобилите беа фрлани кон семејните куќи, луѓето немаа каде да се сокријат. Селото практично не постои. Училиштето нема фасада, нема покрив, дури не стигнав до градинката. Вековните липи и смреки беа искоренети “, опиша Бабиш.

Налетите на ветрот достигнаа 322 километри кога торнадото вчера достигна четврто ниво, што е најсилно во последните неколку децении, а министерот за внатрешни работи Јан Хамачек на Твитер објави дека ситуацијата во погодените области е сериозна и дека спасувањето екипите се на терен.

Слични содржини