Тошковски уверува дека Палевски ќе биде екстрадиран во најбрз можен рок

од Nikola Popovski

Во најкраток рок Љупчо Палевски ќе биде екстрадиран во Македонија. Во моментов се преземаат мерки за неговото спроведување, рече вчера министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, од како Министерството за правда потврди дека е одобрена екстрадицијата од турските власти, бидејќи кај нив е завршен судскиот процес и административната процедура.

„Во текот на денешниот ден добивме информација од Секторот за меѓународна полициска соработка дека е одобрена екстрадицијата за предметното лице, со тоа што нашите полициски службеници се во комуникација со турските колеги и се очекува во наредниот период да утврдат се што е потребно од аспект предметното лице кое е прогонето од страна на Обвинителството, да биде изнесено пред лицето на правда“, изјави Тошковски.

Палевски ќе оди во притвор веднаш по неговото испорачување во земјава, согласно одлуката на Кривичниот суд.

„Денес со официјална информација од Република Турција добивме одобрение за екстрадиција на лицето Љупчо Палевски. Позитивниот исход на постапката произлегува после сите максимално преземени мерки и активности од делокругот на надлежности на Министерството за правда“, информира вчера министерот за правда, Кренар Лога.

За двата свирепи случаи се осомничени уште 5 лица. Тројца од нив се осомничени за двете убиства и киднапирања, таткото на Ѓорчевска е осомничен за киднапирање на ќерка си, додека С. Д. е осомничен дека му помогнал во бегството на првоосомничениот Палевски. Тројца од нив се во притвор.

Како што е познато Палевски е во екстрадициски притвор во Турција.

Слични содржини