Гренланд не е на продажба, за Панамскиот канал не може да се преговара, а ниедна економска сила не може да ја направи Канада 51-та земја на САД. Вака Данска, Панама и Канада им кажаа „не“ на плановите на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп кој на помалку од две недели пред инаугурацијата излезе со шокантни изјави и желби со кои сака да го промени светот…
Данска возврати на провокативните најави на Трамп излезе со шокантни изјави и желби со кои сака да го промени светот. Меѓу нив е и преземањето на Гренланд. Копенхаген го повтори цврстиот став за автономијата на островот, велејќи дека тој не е на продажба.
„Ќе кажам многу јасно-Гренланд е за гренландскиот народ. Тој не е на продажба. САД се наш апсолутен најблизок сојузник, и тоа во сите прашања од одбраната и безбедноста, како и во однос на северниот дел на Атлантикот каде тензиите растат. Имаме јасен интерес во тоа што САД играат голема улога, а не Русија или други земји. Но, Гренланд е за гренландскиот народ. И мора да соработуваме на истиот начин на кој сме навикнати, меѓу другото, во НАТО и во другите меѓународни форуми“, изјави премиерката на Данска, Мете Фредериксен.
Ако Данска се спротивстави на понудата САД да го купат Гренланд, Вашингтон ќе воведе санкции кон Копенхаген-изјави Трамп. Случајно или не, неговата изјава се совпадна со посетата на неговиот син Трамп Јуниор на островот, кој наводно делел капи „Направете го Гренланд повторно голем“ и покрај тоа што тврди дека пристигнал туристички.
„Тука сме како туристи, гледајќи го тоа, изгледа како неверојатно место. Навистина сум возбуден што сум тука, прекрасна земја, пејзажот е спектакуларен“, изјави синот Доналд Трамп Јуниор.
Дел од јавноста доколку САД навистина преземат воени или економски чекори за Гренланд, тоа би предизвикало сериозни реакции од Европа. Данска, како членка на НАТО, би побарала поддршка од сојузниците, што би можело да доведе до дипломатски и економски последици за односите меѓу САД и Европа.
Трамп тврди дека Гренланд е стратешки важен ресурс што САД мора да го поседуваат.
-Во исто време, изјавите на Трамп за Канада, вклучително и спојувањето на Канада со САД во една „Голема Америка“, предизвикаа остра осуда од канадските власти. Премиерот Џастин Трудо истакна дека суверенитетот на Канада не е прашање за дискусија. Ваквата реторика, која ја вклучува можноста за економски санкции кон Канада, би можела да ги наруши билатералните односи, особено со оглед на значајноста на трговската соработка помеѓу двете земји, вели во разговор за „Локално“, Пецо Трајкоски од НВО – Центар за стратегиски истражувања и анализи.
Покрај изјавите за Гренланд и Канада, Трамп предизвика дополнителни реакции со коментарите за Панамскиот канал. Тој не ја исклучи можноста за воена акција за „обезбедување на контролата“ врз каналот, што ги поттикна прашањата за неговата надворешна политика и потенцијалниот ризик од нови конфликти.
-Оваа реторика не само што ја предизвикува Панама, туку и ги алармира другите нации кои зависат од каналот за меѓународна трговија, како и главните економски ривали на САД, како Кина, вели аналитичарот за безбедносна политика.
Според него, ако новоизбраниот американски претседател сериозно размислува за преземање чекори кон Панама, тоа би можело да предизвика сериозни геополитички последици.
-Латинска Америка би го доживеала ова како акт на агресија. Воена интервенција би можела да го наруши глобалниот поредок, со што трговските патишта би станале потенцијално жариште за конфликти. Изјавите на Трамп ја отсликуваат промената во традиционалната американска надворешна политика, која се движи кон агресивни потези и доминација и светот треба со загриженост да гледа кон ваквите изјави, потенцира Трајкоски.
Во забелешките по потврдувањето на изборната победа, Трамп не ја отфрли можноста и за воена интервенција за обезбедување на Панамскиот Канал, но и за економски мерки против Канада, што предизвика силни реакции од двете нации.
„Панамскиот Канал е изграден за нашата војска и е од витално значење за нашата земја. Со него управува Кина, а ние и го дадовме на Панама. Го злоупотребија тој подарок. Тоа никогаш не требаше да се случи. Што се однесува до Канада ќе употребиме економска сила и ќе се ослободиме од вештачки исцртаната линија“, рече Трамп.
„Откако новоизбраниот претседател ќе ја преземе функцијата, односите меѓу САД и Панама ќе бидат управувани преку стандардните формални процедури. Го повторувам она што претседателот Мулино веќе го изјави-за суверенитетот на нашиот канал не може да се преговара. Му служи на човештвото и на глобалната трговија, давајќи и на меѓународната заедница гаранција дека нема да учествуваме или активно да се вклучиме во каков било конфликт“, изјави шефицата на панамската дипломатија, Хавиер Мартинез-Ача.
И канадскиот премиер во заминување Џастин Трудо го отфрли тврдењето на Трамп дека може да употреби „економска сила“ за да ја направи Канада 51-та американска држава. Трамп ги критикуваше Американците за купување канадски производи, како и Вашингтон да обезбеди воена помош за Отава. Тој не се откажува од најавената царина за канадски производи во висина од 25 отсто.
На мапата што вчера ја објави Трамп, Канада може да се гледа како нова американска територија. Во ажурираната верзија, тој покрај Канада го додаде и Гренланд како територија на САД.
„Заради националната безбедност и слободата ширум светот, САД сметаат дека сопственоста и контролата на Гренланд се апсолутна неопходност“, кажа Трамп.
Н.П.