Тензичната средба меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот украински колега, Володимир Зеленски и реакциите кои уследија по неа го поделија државниот врв во Бугарија.
Премиерот Росен Жељазков и министерот за надворешни работи на Бугарија, Георг Георгиев преку објави на социјалните мрежи изразија недвосмислена поддршка за Украина и претседателот Зеленски, шефот на бугарската држава, Румен Радев денеска изјави дека позицијата на владата во однос на Украина е губитничка.
„Украина, биди храбра, биди силна! Ние сме со тебе!“, гласеа пораките што на платформата Икс ги објавија Жељазков и шефот на бугарската дипломатија Георгиев.
Лидерот на партијата ГЕРБ, Бојко Борисов, пак, во објава на Фејсбук напиша дека секој обид за поделби во Европа „не прави сите потчинети“ и повика на итна средба меѓу лидерите на САД, европските држави и сојузници.
„Секој обид за поделби во Европа нѐ прави сите послаби. Не поради влијанието, туку поради принципите врз кои е основана, потребна е реакција на Европската Унија. Тоа е возможно само со итна средна на лидерите на САД, европските држави и сојзуници, а на која сите гледишта ќе бидат ставени на маса. Средба на која отворено ќе се разговара за тоа што е следно“, напиша Борисов.
Бугарскиот претседател, Румен Радев истакна дека вчерашната средба во Белата куќа ја открила вистината за војната во Украина и ги соочила двете гледишта за изнаоѓање решение за ставање крај на конфликтот.
„Она, изразено од Доналд Трамп, веднаш да се стави крај на лудото крвопролевање и да се бараат патишта до мир преку засилена дипломатија и другиот пристап, продолжување на војната по секоја цена, без оглед на жртвите и уништувањата. Со отворени обиди да се вклучи НАТО во војната со ризик од трета светска војна“, рече претседателот Румен Радев, коментирајќи ја вчерашната средба меѓу Доналд Трамп и Володимир Зеленски.
Радев изрази жалење што многу „европски политичари не можат да излезат од нивните тесни идеолошки рамки и да ги видат вистинските перспективи на оваа војна“.
Продолжувањето на воените дејствија ќе биде проследено со уште повеќе загинати. Најголемиот проблем за Украина во оваа војна не е снабдувањето со оружје, туку тоа што Украина останува без луѓе на првите линии“, рече бугарскиот претседател, пренесува БНТ.
Радев одби да ја коментира позицијата на Бугарија бидејќи како што кажа „таа ја следи позицијата на силните“, но како што додаде „секогаш без свои размислувања за природата и перспективите на оваа војна“.
Првото нешто што треба да се случи, според шефот на бугарската држава, е прекин на огнот. Потоа, треба да се бараат дипломатски потези за да се стави крај на војната во Украина, а тоа, како што кажа, е прашање на политичка волја.
„За жал, Европа треба да го најде своето место во оваа реалност порано отколку подоцна и треба да го најде своето место на преговарачката маса“, рече бугарскиот претседател, изразувајќи очекување дека европските лидери ќе бида „многу повеќе во склад со реалноста“