Трамп: Нападот на Иран врз Израел никогаш немаше да се случи да бев претседател на САД

од Vladimir Zorba
649 прегледи

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп изјави дека иранскиот напад врз Израел никогаш немаше да се случи доколку тој сè уште беше претседател.

– Израел е нападнат. Ова никогаш не требаше да се случи. Ова никогаш не би се случило да сум претседател – напиша Трамп на својата социјална мрежа TruthSocial.

Трамп тврди дека американскиот претседател Џо Бајден снимил видео говор во врска со иранскиот напад, но дека снимката не е објавена на повик на неговите соработници.

Иранските воздушни сили претходно соопштија дека истрелале стотици беспилотни летала и десетици крстаречки и балистички ракети кон Израел како одговор на израелскиот напад врз иранскиот конзулат во Дамаск, Сирија.

Земјите во регионот го затворија својот воздушен простор, а некои прогласија вонредна состојба.

Во меѓувреме, мисијата на Иран во Обединетите нации објави дека нападот „може да се смета за завршен“, нагласувајќи дека одговорот на Техеран ќе биде „многу поостар“ доколку „израелскиот режим направи уште една грешка“.

Слични содржини