Поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп, сведочеше во судскиот процес за клевета кој го поднесе И. Џин Керол, бидејќи ја нарече лажга кога во 2019 година таа тврдеше дека ја силувал.
На прашањето дали бил свесен дека неговите изјави ја повредиле И. Џин Керол, Трамп одговорил: „Не, само сакав да се бранам себеси, моето семејство и, искрено, претседателството“.
Адвокатот на Трамп, Алина Хаба, го испрашуваше Трамп за неговите коментари од 2019 година, како одговор на обвинувањата на колумнистката за сексуален напад, прашувајќи го дали мисли дека тие обвинувања се лажни, пренесува Си-Ен-Ен.
„Да, сметам дека се. Таа кажа нешто што јас го сметав за лажно обвинение, целосно лажно“, нагласи поранешниот претседател.
Керол, која бара отштета од повеќе од 10 милиони долари, беше во судницата за време на сведочењето на Трамп.
Таа тврди дека Трамп ѝ ја уништил репутацијата откако прво јавно го обвини дека сексуално ја злоставувал во пролетта 1996 година во соблекувалната на луксузна стоковна куќа на Менхетен, пренесува АП.
Судењето за клевета започна минатата недела, а Трамп тогаш рече дека „никогаш не ја запознал таа жена“, додека судијата Каплан потсети дека не му било дозволено да дава изјави за време на неговото сведочење кое се коси со претходната пресуда, во која се заклучи дека Доналд Трамп ја силувал И. Џин Керол.
И покрај обвинувањата, Трамп постигна убедливи победи на прелиминарните избори во Ајова и Њу Хемпшир, веројатно обезбедувајќи ја републиканската претседателска номинација.