Поранешниот американски претседател Доналд Трамп, кој планира да се врати во Белата куќа во 2024 година, дури и ако биде осуден од федералниот суд, во петокот изјави дека евентуалното осудување нема да го спречи да продолжи со кампањата.
77-годишниот републикански фаворит, опфатен со скандали, беше прашан како ќе одговори на обвинувањата, еден ден откако беа објавени новите обвиненија во случајот со доверливи документи.
На прашањето на екстремно десничарскиот радио водител Џон Фредерикс дали ќе престане да води кампања доколку биде осуден, тој одговори „воопшто не“.
„Ништо во Уставот не вели, што би можело да ме (спречи) да водам кампања“, додаде тој.
Поранешниот претседател рече дека и поранешните американски претседатели како Барак Обама и Џорџ Буш „земале документите“, навестувајќи дека неговите претходници го направиле истото за кое тој беше обвинет.
„Никој никогаш не доживеал вакво нешто. Ова е лудо“, налутено рекол тој.
Во четвртокот, федералните обвинители го проширија обвинението против Доналд Трамп во случајот со неговото ракување со доверливи документи – за што тој веќе е обвинет – обвинувајќи го дека се обидел да ги избрише снимките од видео надзор за кои биле заинтересирани истражителите.
Покрај тоа, тој беше обвинет и во врска со тајни плаќања на поранешна порно актерка, а му се заканува и обвинение како дел од истрагата за обид да го претвори неговиот пораз на изборите во 2020 година во победа.
Државниот обвинител на Џорџија треба да го објави и резултатот од истрагата за притисокот што го вршел за промена на резултатот од претседателските избори во таа сојузна држава на југот до септември.