Три часа хорор: Детали како тајландскиот полицаец уби 36 луѓе, меѓу кои 22 деца

од Stefanija Kuzmanovska

Во деновите пред да убие 36 луѓе, вклучително и 22 деца кои беа избодени со нож додека спиеја, поранешниот полициски наредник и извршител на најтешкиот масакр во Тајланд пукал со пиштол во неговиот двор.

Веќе неколку ноќи звукот од пиштолот калибар 9 мм на 34-годишниот Пања Камрап ја раскинувал тишината во заспаното село Та Утаи, велат соседите.

Тоа беше последната демонстрација на насилство од страна на поранешниот полицаец, некогаш успешен човек кој стана лут и интровертен човек, иако сè уште имаше дел од авторитетот што му го даваше неговата поранешна работа, пишува „Ројтерс“.

„Како да го пријавиме во полиција? Тој беше полиција“, рече 29-годишната Фуван Полиам, која живеела во близина на местото кај што живеел тој.

Уби 36 лица

Пања уби 36 лица во тричасовниот смртоносен поход низ областа каде што е роден, пукајќи и бодејќи ги до смрт своите соседи, па дури и пријателите од детството. Овие 22 деца жртви во градинката биле момчиња и девојчиња на возраст од две до пет години. Седум од нив се во болница.

Насилството – најсмртоносниот глобален масакр на деца во последните години – ја запрепасти земјата. Властите првично ја обвинија дрогата. Пања беше опишан од полицијата како корисник на таблети метамфетамин познати како yaba. Во јануари тој бил отпуштен од полиција поради поседување дрога.

Но, обдукцијата не открила траги од дрога во телото на Пања на денот на убиствата, четвртокот минатата недела, соопшти полицијата.

Заменик-началникот на полицијата на Тајланд, генерал Сурахате Хакпарн, изјави за „Ројтерс“ дека насилството е резултат на „експлодирани емоции“, укажувајќи на неговото отпуштање од полицијата и правните, финансиските и семејните проблеми.

Полицијата сè уште не објавила сè

Движењата на Пања тој ден се нејасни. Имаше повеќе убиства на различни локации, а полицијата допрва треба да објави сеопфатен извештај.

„Ројтерс“ воспостави временска рамка на настани преку интервјуа со соседи, сведоци и истражител. Тие зборувале за тричасовниот ужас и бавната реакција на полицијата. Следењето на мобилниот телефон потврди многу детали.

Сурахате призна дека полициската реакција била бавна и дека полицајците пристигнале предоцна за да ги спречат убиствата. Тој, исто така, укажа на законот кој им забранува дури и на сопствениците на оружје со дозвола да пукаат дома или на јавно место.

„Да имаше претходно апсење, можеби ова немаше да се случи“, рече Сурахате.

Рано на денот на масакрот, Пања имал закажано судско рочиште за обвиненијата за дрога. Пресудата требало да биде донесена следниот ден. Пред зори, соседите го слушнале како се расправа со девојката во нивната мала куќа на крајот од селото. Полицијата вели дека таа му рекла дека го остава.

„Ројтерс“ не можеше да утврди што се случило на суд, но медиумите, повикувајќи се на соседите, објавија дека адвокатот на Пања побарал од него да покаже докази за добар карактер. Друг сосед изјави за „Ројтерс“ дека ја видел мајката на Пања со неговата диплома. Кога се вратил дома, соопшти полицијата, девојката на Пања и нејзиниот син ги немало.

Околу пладне излетал со бел пик-ап. Свртувајќи се во кривината, удрил во маж на мотор пред мала продавница. Тој го спуштил прозорецот и го застрелал, според сведокот Сомбат Ратани, кој раководи со продавницата.

Смртно ранетиот ползел кон продавницата, молејќи за помош, рече Сомбат. Го видел Пања низ прозорецот со вперен пиштол во него и мислел дека ќе умре. Се познавале. Пања купувал вода од неговата продавница.

Со својот камионет влетал во група луѓе и ги избодел

Пања не пукал. Наместо тоа, возел до раскрсница каде удрил во група луѓе, го оставил камионетот и ги избодел. Три лица загинаа, а повеќе се ранети. Оттаму возел до административниот комплекс во кој се наоѓа Центарот за развој на деца, розова еднокатна зграда до владина канцеларија.

Воспитувачките во градинка ги легнале децата да спијат кога пристигнал Пања околу 12:30 часот. Напаѓал луѓе во дворот, во некои и пукал, а други ги бодел со долго сечило што земјоделците го користат за сечење на земјоделски култури. Таму беа убиени неколку луѓе.

„Сè се случи толку брзо и насекаде имаше крв“, изјави 29-годишниот функционер Китисак Полпракап.

Луѓето трчаа. Две работнички, 48-годишната Џидафа Бунсом и 25-годишната Саовалук Кита, влетаа во канцеларијата со поглед на детската соба. Еден од вработените повикал полиција, но им било кажано дека се зафатени на друго место.

Пања двапати пукал во вратата од детската соба и ја отворил со нога, рече сведокот. Одел од соба во соба околу 20 минути, пукал во наставниците и бодел деца со мачета. Некои учители избегале, но не и 26-годишната Супапорн Прамонгмук, која била во осмиот месец од бременоста. Друг учител, Маливан Ласофа, го молел Пања да престане. Тие си играле заедно како деца.

И двете ги убил.

Вработените во канцеларијата рекоа дека Пања мирно дошол држејќи мачета и потоа се оддалечил.

Веста за насилството брзо се прошири, а на социјалните мрежи се појавија и фотографии.

Единственото дете кое неповредено ја напушти градинката, тригодишното девојче по име Еми, беше извадено со ќебе на очите.

Откако се вратил во селото, на Пања му пришол сосед. „Што правиш?“ го прашал сосед. „Тука сум да те убијам“, одговорил Пања. Го убил тој сосед, а потоа и друг, изјави сведокот Фуван Полиам.

Криејќи се во куќата со двете мали деца, таа му ја покрила устата на синот со рака за да го замолчи и испратила избезумени пораки до својата свекрва Суван Тонсомсен: „Тој е тука“.

„Рекоа дека нема доволно полицајци и дека треба да ги чекаат командосите“

На нејзиниот мобилен телефон се видливи бројни повици во полиција. „Тие рекоа дека нема доволно полицајци и дека морале да ги чекаат командосите. Им требаше некое време“, рече Суван.

Суван рече дека Пања си заминал откако се обидел да го запали нивниот автомобил. Пеш се вратил во својата куќа, каде околу 15 часот го запалил камионетот, пукал во својата девојка, нејзиниот син, а потоа и во себе.

Слични содржини