Турција наскоро ќе започне со употреба на Спутник V

од Vladimir Zorba

Турција наскоро ќе започне со употреба на руската вакцина Спутник V, објави денеска турскиот министер за здравство Фахретин Коча.

По состанокот на Научниот совет за борба против коронавирусот, Коча преку видео конференција истакна дека Турција ќе ја започне првата фаза на тестирање на својот трет кандидат за вакцина, пренесе агенцијата „Анадолија“.

Уште еден кандидат за турската вакцина, првиот што започна со испитувања на луѓе, наскоро ќе ја заврши втората фаза, а последната ќе започне во мај.

Коча рече дека локално произведената вакцина значи и „национална моќ и доверба“.

Министерот, исто така, објави дека стапката на инфекција е намалена низ цела Турција, но дека на состанокот било договорено ограничувањата против вирусот да бидат засилени, доколку бројот на случаи на инфекција не се намали во наредните денови

Тој посочи дека индиската варијанта на вирусот сè уште не е откриена во Турција, додавајќи дека се преземени неопходните мерки против оваа варијанта, која брзо се шири.

„Во тој контекст, луѓето кои сакаат да влезат во нашата земја од Индија, или патувале низ Индија, ќе мора да бидат ставени во карантин во планираните студентски домови“, рече Коча.

Денес во Турција се регистрирани 54.791 нови случаи на инфекција со корона, покажуваат податоците на Министерството за здравство.

Вкупниот број на лица заразени со коронавирус од почетокот на пандемијата сега е повеќе од 4,5 милиони, додека бројот на смртни случаи во Турција достигна 37.329, откако во последните 24 часа починаа 354 лица од Ковид-19.

Од почетокот на масовната имунизација на 14 јануари, Турција вакцинираше повеќе од 20,79 милиони луѓе.

Повеќе од 12,85 милиони луѓе ја примиле првата доза на вакцината, додека повеќе од 7,94 милиони го завршиле процесот на имунизација, според Анадолија.

Слични содржини