Турција ослободува затвореници поради коронавирусот: На слобода и озлогласен мафијаш

од Nikola Popovski
175 прегледи

Еден од шефовите на турската мафија е пуштен на слобода денес по одлуката на властите да ги ослободat затворениците да го спречат ширењето на коронавирус во преполните затвори, јавуваат локалните медиуми.

Турскиот парламент во понеделникот вечер донесе закон, кој дозволува ослободување на десетици илјади затвореници на кои им се заканува пандемијата во преполните затвори.

Алатин Чакичи е пуштен од затворот Синкан, обвинет за поттикнување во убиства и други криминални дела.

Според снимките, мафијашкиот бос напуштил затворот со конвој други возила, пренесува дневниот весник Хабертурк и приватната новинска агенција ДХА.

Затворите низ цела Турција започнаа да ослободуваат затвореници во средата навечер.

Чакичи, многу близок до лидерот на десно ориентираното Националистичко движење (МХП), Девлет Бахчели, бил осуден на доживотен затвор во 2006 година поради нарачката за убиство на неговата поранешна сопруга, но во 2018 година таа пресуда беше намалена на 19 години и два месеци затвор. Бахчели го посетил Чакичи во затвор и повикал на негово ослободување.

Според амнестијата, околу 90.000 затвореници ќе бидат ослободени од затвор пред да ја отслужат целосната казна.

Одлуката била критикувана од невладините организации, поради тоа што во неа не било предвидено ослободување на осудените за „тероризам“, вклучувајќи бројни новинари, јавни службеници, адвокати и претставници на политичката опозиција.