„Твоја партија“: Владата да организира хуманитарна помош за погодените од војната во Украина

од Берта Китинска

ТВОЈА партија изразува најсериозна загриженост поради инвазијата на Русија во Украина. Ваквата агресија која е резултат на еден поширок контекст на покажување сила и развивање воена реторика е за најголема осуда, велат од „ТВОЈА“ партија.

Од партијата сметаат дека мора да се вложуваат напори за создавање услови за мир и толеранција, појаснувајќи дека создавањето услови е процес кој никогаш не завршува, туку постојано се негува.

-Ја повикуваме Владата (но и други субјекти) како институција со најголема оперативна моќ, да организира хуманитарна помош за погодените од војната во Украина. Во овие тешки денови, потребна е финансиска и материјална помош за луѓето кои претрпуваат штета – дел од нив остануваат без своите домови и се соочуваат со огромни материјални загуби. Поради ова, сметаме дека треба нашите граѓани да имаат можност да покажат солидарност на дело. Доколку еден дел од граѓаните имаат можност да придонесат на некаков начин, тоа би помогнало на луѓе кои сега ги доживуваат можеби и најголемите загуби во својот живот. Сите ние на некој начин сме поврзани, без разлика на оддалеченоста и границите. Нашата држава иако е сиромашна досега покажала повеќе пати солидарност со оние кои се во сериозни кризи. ТВОЈА упатува апел за ургентна организација на нашата држава во оваа насока. Секој субјект( индивидуален или организиран) кој може да помогне со храна, лекови и топла облека е добредојден во ваква човекољубива акција, посочуваат од партијата.

Слични содржини