Уапсен директор на компанија за кокс поради загадување на животната средина

од desk2
163 прегледи

Босанските власти го уапсија генералниот директор на Компанијата Глобал Испат Коксна Индустрија Лукавац (ГИКИЛ), водечки производител на кокс на Балканот, соопшти информативниот сајт Кликс. 

Директорот Дебашиш Гангули е уапсен по наредба на Обвинителството во Тузла, а по обвиненија за загадување на воздухот и водата.

Босанските власти вчера наложија запирање на работата на компанијата бидејќи во повеќе наврати ги нарушила стандардите за заштита на животната средина.

Компанијата ГИКИЛ, во која мнозински удел има Глобал Стил холдинг со седиште во Дубаи, и која е поврзана со богатата фамилија Митал во Индија, е четврт по големина извозник на Босна, а продава производи во Европа и Азија.

На компанијата и е даден рок од 30 дена да ги прекине своите активности, со оглед на нивната сложеност. Вработените предупредуваат дека не е можно да се запре работата во толку кус рок и оти со неправилно гаснење на коксната батерија можна е еколошка катастрофа од несогледливи размери. 

Инспектори ја обвинуваат компанијата, која има околу 1.000 вработени во градот Лукавац дека исфрла токсичен течен отпад во блиската река Спрела, притока на Сава, која тече низ Босна, Хрватска, Србија и Словенија.

Покрај тоа, компанијата не ја обновила еколошката дозвола, чиј рок истече во јануари минатата година и покрај серијата санкции наложени по повеќе од 20 инспекции, посочи Инспекторатот на ФБиХ.