Учениците ќе добијат здрава ужина: Почна испораката на домашни јаболка во училиштата

од Nikola Popovski

Од вчера започна реализација на проектот „Здрава ужинка за секој ученик“, во реализација на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ). Министерот Љупчо Николовски информираше дека првите јаболки од прокектот ги добиле учениците во училиштата во општина Центар.

-Од основните училишта во општина Центар, започна дистрибуцијата на нашите домашни македонски јаболка, во рамки на проектот “Здрава ужинка за секој ученик”, кој го реализираме преку програмата за откуп на свежо овошје, зеленчук, млеко и млечни производи.

Обезбедуваме здрава ужинка за сите ученици во сите основни училишта низ државата, односно 186.000 ученици во 350 основни училишта, порача Николовски.

Владата кон крајот на септември ја усвои Програмата за поттикнување на потрошувачката на свежо овошје во 2022 година. Програмата е нова, се носи прв пат и ќе овозможи околу 186.000 ученици во 350 школи за ужина да добиваат домашни, македонски јаболка.

-Со Програмата се овозможува поддршка за откуп, дистрибуција и пакување јаболка од реколтата 2022, а целата откупена количина ќе треба да биде дистрибуирана до општинските и државните училишта најдоцна до 15 декември 2022. Со ова ги помагаме производителите на јаболка, но обезбедуваме и свежа и здрава ужина за нашите деца. Македонски, домашни јаболка за нашите деца, подвлече тогаш Николовски.

Слични содржини