Училиштата во државата се безбедни, вели МВР по вчерашниот масакр во Белград

од Nikola Popovski

Масакрот во белградското училиште „Владислав Рибникар“ го подигна алармот во однос на безбедноста и во останатите училишта, не само во Србија, туку и во регионот. Денес и утре најверојатно нема да има настава кај нашиот северен сосед, со оглед на тоа што тамошните синдикати за образование загрижени за нивната безбедност најавија штрајк.Уште денес во сите училишта во Република Српска бил испратен допис за тоа како да се постапи поврзано со трагедијата во Белград, а планирана е и средба со мултилатерален тим, кој има задача да постапува во случај на какво било насилство.

„Локално“ го контактираше нашето Министерство за внатрешни работи (МВР) во обид да дознаеме повеќе дали се преземени некакви мерки како претпазливост од слични немили настани. Од таму ни изјавија дека училиштата во државата се безбедни.

-МВР, во рамки на своите надлежности, во координација со другите институции постојано презема мерки во таа насока. Што се однесува до делот на превенцијата, преку Одделенијата и отсеците за превенција подолг период се спроведуваат превентивни проекти кои се спроведуваат во основните и средните училишта преку кои непосредно се допира до проблемите меѓу младите и се работи на рано детектирање како и превенција на истите, ни истакнаа од полицијата.

Додаваат дека МВР континуирано спроведува акциски контроли за подигнување на безбедноста на учениците.

-Се вршат контроли на возила од јавниот превоз во кој се превезуваат ученици, се вршат прегледи на средношколците пред влегување во училиштата, угостителски објекти и објекти во непосредна близина на училишта каде се организираат игри на среќа, информираа од полицијата.

Потсетуваме, во вчерашното пукање во основното училиште во белградската општина Врачар загинаа осум деца и еден чувар, а ранети се шест деца и една наставничка. Полицијата го приведе 13-годишниот Коста Кецмановиќ кој го извршил делото, а пред тоа сам се јавил во полиција за да го пријави настанот. Засега не се откриени мотивите и причините за оваа незапаметена трагедија.

Н.П.

Слични содржини