Угостителските објекти и трговските центри чекаат зелено светло

од Берта Китинска
309 прегледи

Дали ќе има олеснување на мерките против ширење на корона вирусот зависи од бројот на  новозаболени, а предлог-одлуката се очекува да ја донесе Комисијата за заразни болести на денешниот состанок.

Од Министерството за здравство апелираат граѓаните доследно да се придржуваат до мерките, да ја почитуваат забраната за групи поголеми од две лица, да се држи дистанца од најмалку два метра и задолжително да се носи заштитна опрема за лице во случај кога просторот меѓу граѓаните е помал од пропишаното.

Додека не се донесе нова одлука остануваат затворени угостителските објекти, трговските центри, казината, обложувалниците, забранети се собири на јавни места и спортски натпревари.

-Тие што организираат едукации, курсеви, автошколите би биле тие кои ќе бидат први, кои ќе почнат да функционираат согласно предлозите. Сите кои лесно можат да воспостават ред, дистанца, дезинфекција, носење маски, и тие кои можа да воспостават шалтерски систем ќе имаат приоритет, рече Филипче.

Во врска со олабавување на мерките за спортистите, истакна дека се размислува да се дозволат индивидуалните спортови, но како сето тоа понатаму ќе се одвива ќе се знае по состаноците.

Вчера, како што соопшти Министерството за здравство имаше нови 20 случаи на заразени со ковид-19 во земјата и не беше регистриран смртен случај поврзан со вирусот.

Вкупната бројка на дијагностицирани со Ковид-19 во државава од почетокот на епидемијата, досега, изнесува 1.642, бројката на оздравени пациенти е 1.136, на починати е 91, а во моментов бројот на активни случаи изнесува 415.

Поради релативно поволната епидемиолошка состојба, Хрватска започна да ублажува некои од мерките воведени во март како дел од борбата против коронавирусот.

Од понеделникот, на повеќето продавници им е дозволено да работат, воспоставен е јавен превоз во некои градови и обезбедени се тренинзи за професионалните спортисти.

Но, дури и кога Националниот совет за цивилна заштита ќе ги укине повеќето мерки насочени кон заштита на јавното здравје на 11 мај, секојдневниот живот на хрватските граѓани сè уште ќе биде многу поразличен, со далеку повеќе ограничувања од оние во Шведска, пренесуваат хрватските медиуми.

Во Хрватска има вкупно 2.039 инфицирани со коронавирус и 59 смртни случаи.

Здравствените власти во Србија денеска соопштија ублажување на заштитните мрки во државата предложиле здравствените работници, без никаков притисок отстрана, но не ја исклучија можноста дел од ограничувањата да се вратат доколку се оцени дека постои причина за тоа.

„Се ублажуваат мерките за заштита од заразната болест, така што од денеска ќе бидат отворени парковите и шеталиштата. Исто така, од денеска се дозволени тренинзи на отворен“, беше речено на денешната прес-конференција за српските медиуми.

Министерот за образование, Младен Шарчевиќ, за „Блиц“ изјави дека градинките во Србија ќе бидат отворени на 11 мај со цел да им се излезе во пресрет на родителите кои треба да одат на работа.

Во Србија, денеска беа потврдени 222 нови случаи на инфекција во изминатите 24 часа, а уште шестмина починаа.

Досега кај нашиот северен сосед регистрирани се вкупно 168 смртни случаи од Ковид-19, а 1.260 лица се опоравиле.

Слични содржини