Украина потврди дека соборила два важни руски авиона

од Stefanija Kuzmanovska
249 прегледи

Украинската војска утрово потврди дека соборила два руски авиона над Азовското Море, област која Русија претходно ја сметаше за безбедна за своите авиони.

„Ѝ благодарам на армијата за оваа добро испланирана и извршена операција во регионот на Азовското Море“, изјави шефот на украинската армија Валериј Залужњи.

Киев тврди дека биле соборени А-50 Бериа, авион за воздушно набљудување и командување и Иљушин Ил-22, кој исто така се користел за командување, пренесува „Франс прес“.

Двата авиона биле користени за разузнавачки цели, за идентификација на целта и координација на војниците.

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков не сакаше да ги коментира овие наводи бидејќи, како што тврди, нема доволно информации за нив.

Русија постојано тврдеше дека има целосна доминација во воздухот во однос на Украина, што не секогаш се покажа како точно, пишува „Франс прес“, а пренесува „Хина“.

Западната воена помош и другото засилување на украинската армија спречија руски напади неколку пати во рок од две години од почетокот на инвазијата и овозможија напади врз цели кои претходно се сметаа за недостижни за украинското оружје.

Слични содржини