Украинската армија: Руски ракети влегле во воздушниот простор на Романија и Молдавија

од Stefanija Kuzmanovska

Валериј Залужни, врховен командант на украинската армија денеска објави дека „руски ракети од типот Калибр ја преминале државната граница на Украина со Молдавија и Романија и влегле во воздушниот простор на тие земји“.

Наводно, ракетите биле лансирани од руски бродови во Црното Море, додаде Залужни.

Според украинскиот генерал, две ракети влегле во воздушниот простор на Молдавија во 10:18 часот по локално време, а во 10:33 часот на територијата на Романија.

„Потоа ракетите повторно влегоа во воздушниот простор на Украина на допирната точка на границите на тие три земји“, додаде Залужни.

МО на Молдавија потврди: Руска крстосувачка ракета прелета на наша територија

Министерството за одбрана на Молдавија денеска соопшти и потврди дека руска крстосувачка ракета ја прелетала територијата на таа земја, со што се потврдија како точни изјавите на гувернерот на Николаевската област Виталиј Ким.

Од Министерството за одбрана потврдуваат дека ракетата, која го преминала воздушниот простор на Република Молдавија, била откриена над градот Мокра во регионот на Придњестровје, а подоцна и над градот Косаути во областа Сорока, во правец на Украина. Сè се случи денеска, во 10:18 часот.

„Внимателно ја следиме ситуацијата во регионот и најостро го осудуваме нарушувањето на воздушниот простор на Република Молдавија“, забележуваат претставниците на Министерството за одбрана.

Слични содржини